Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека го добил и го прочитал писмото на лидерот на ДУИ Али Ахмети, во врска со „неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата“.
-Го добив писмото, го прочитав. Писмото би го поделил во два дела, првиот дел е геостратешки осврт на состојбата во регионот, вклучително Блискиот Исток и Украина, додека вториот дел е обвинување на уставните судии коишто ги избрало мнозинството на СДСМ и на ДУИ дека спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Не сум знаел дека овие судии избрани од мнозинството на СДСМ и ДУИ спроведува програма на ВМРО-ДПМНЕ, дека бил загрижен за предметот поврзан со законот за јазици и да сум интервенирал кај уставните судии избрани од СДСМ и ДУИ да внимаваат што прават бидејќи на тој начин можеле да ја дестабилизираат државата. Тоа е писмото, јавноста нека оцени дали тоа заслужува коментар – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата „Блумберг Адрија“.
Според него, поминало времето кога политичарите можеле на тој начин да влијаат на одлуки на судии и обвинители.
-Јас разбирам дека ДУИ се уште е во тој периметар и низ таа оптика низ која тие гледаат, тие мислат дека на тој начин треба да функционираме ние како држава, јас не мислам, а посебно на памет не ми паѓа било каква комуникација со уставни судии или било какви судии и обвинители кои се избрани од мнозинството СДСМ и ДУИ. Бидејќи тие истите рејтингот на правосудниот систем го сведоа на едноцифрен број проценти – рече Мицкоски.
Информира дека викендов остварил средба со европскиот експерт за правосудство Бранко Хорватин.
-Веќе остварив средба со европски експерт во мојот кабинет за време на викендот, тој е Бранко Хорватин кој работи на проект финансиран од страна на ЕУ во Црна Гора дека многу добив квалитетни идеи во делот на реформите во правосудството, и во текот на следната недела очекувам веќе да имаме оперативна средба со министерот и со луѓето кои се веќе дел од оваа работа и да почнеме веќе да работиме. Најпрво да почнеме од Судскиот совет, па после од Советот на јавни обвинители, се до оној момент додека не го ослободиме Судството и Обвинителството октроирани од партиските стеги на ДУИ и на СДСМ – рече Мицкоски.
Инаку, како што соопшти ДУИ претходно, писмото од Ахмети е „одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Северна Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент, кога секоја нова тензија може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој“. Ахмети во писмото истакнува дека одлуките за укинување на заштитните механизми за заедниците и измените на Законот за употреба на јазиците не само што се политички контроверзни, туку, се посочува во соопштението, се опасни и штетни за напредокот и одржливоста на општеството.