Фото: Принтскрин

Науката за Владата е многу важна и е еден од столбовите на државноста, затоа за оваа година, споредено со 2024 година, за двојно е зголемен буџетот за науката, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

– Науката ни е многу важна. Покрај физичкото образование, се разбира дека и науката е еден од столбовите на државноста и многу значаен сегмент, бидејќи без силна наука – нема иднина. Јас доаѓам од науката, од високообразовна институција, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Можам со задоволство да кажам дека оваа година, споредено од 2024 година, речиси двојно е зголемен буџетот за науката и за проектите што се дел од науката. Ако минатата година тоа беше нешто над 5,5 милиони евра, некаде околу 340 милиони денари, сега е некаде околу 660–670 милиони, 680 милиони денари – одговори премиерот на новинарско прашање, по поставување камен – темелник за спортска сала во Долно Лисиче.

Тој рече дека можеби и тоа е недоволно, но, е многу повеќе од некогаш.

– Периодот што следи, дополнително ќе се фокусираме на финансирање на науката. Јас ги повикувам сите високообразовни институции, приватниот сектор, Академијата на науките и сите останати да се вклучат и да поднесат свои проекти што ќе бидат иновативни, научни, со што ќе успееме да покажеме – дека и ние сме, во научна смисла, рамо до рамо со развиениот свет – додаде премиерот.

Целта на Владата во овој мандат била универзитетите да бидат на едно повисоко ниво, барем во првите илјада на следното рангирање на Шангајската листа.

– Од тие проекти, научни и апликативни, очекувам да има многу научни трудови што ќе бидат публикувани во научни списанија со фактор на влијание. А со самото тоа и универзитетите ќе бидат на едно повисоко ниво на следното рангирање на Шангајската листа. Знаете, наша цел е да бидеме, во овој мандат, барем во првите илјада. Но, тоа не зависи само од Владата, тоа зависи, се разбира и од универзитетите. Работиме на многу честа основа и со Министерството за образование и со универзитетите и се надевам дека оваа цел ќе биде исполнета – истакна премиерот.