Адвокатот Тони Менкиноски најави дека ќе ја оспори одлуката на бугарските власти со која му е изречена забрана за влез во Бугарија до 2036 година. Тој посочува дека во постапката ќе биде правно застапуван од бугарскиот Хелсиншки комитет за човекови права.
Менкиноски, кој ги застапува македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, вели дека одлуката на Бугарија ја доживува како форма на заплашување, но нагласува дека е решен правно да ја оспори мерката.
Според него, Бугарскиот Хелсиншки комитет ќе ја преземе правната поддршка во постапката пред надлежните бугарски судови, со цел да се преиспита законитоста на одлуката за забрана за влез и неговото внесување во националниот алармен регистар.
Менкиноски најавува дека случајот ќе се води директно против бугарската држава, со барање за целосно судско преиспитување на мерката.
Паралелно со судската постапка во Бугарија, тој најавува активирање и на механизми пред релевантни меѓународни институции за заштита на човековите права. Во правниот тим, како што посочува, ќе бидат вклучени и адвокатски канцеларии од Франција и Израел, кои ќе работат на меѓународниот аспект на случајот.
Менкиноски смета дека случајот отвора сериозни прашања поврзани со владеењето на правото, независноста на адвокатурата и почитувањето на европските стандарди за човекови права.
Тој додава дека постојат повеќе механизми за оспорување на ваквата одлука, меѓу кои и пред Советот на Европа и Обединетите нации. За случајот, како што посочува, веќе се информирани и меѓународни организации како „Хјуман рајтс воч“ и „Амнести интернешенел“, од каде очекува реакција.































