Фото: Архива

Искачувањето на врвот Клепа е една од најмасовните планинарски акции во Македонија, која наедно го чува споменот за Калина и Александар

Спомените се единственото нешто што времето не може да го одземе. Сеќавањата се тивко, но моќно наследство што го носиме со себе за да ги зачуваме ликовите и делата на оние што не сакаме, ниту можеме, да ги пуштиме да исчезнат. Тие истовремено нѐ греат однатре и нѐ кршат. Спомените за трагично загинатите планинари Калина и Александар секој ги чува во своето најлично катче од срцето.

Токму во нивна чест, викендов по деветти пат се одржа традиционалното искачување на врвот Клепа (1.150 м н.в.), настан што повторно ги собра планинарите од цела Македонија. Над 350 планинари, велосипедисти, мотоциклисти и рекреативци од цела Македонија се вклучија во меморијалната тура, оддавајќи почит и споделувајќи спомени што не бледнеат, туку траат. Со спомените тие продолжуваат да живеат меѓу нас и да одекнуваат низ планините, долините и шумите.

Искачувањето на врвот Клепа е една од најмасовните планинарски акции во Македонија во организација на СПЕД „Клепа Росоман“-Росоман заедно со ЕГ „Грин пауер“, КПС „АЗОТ“ од Велес и општините Росоман и Градско.

Во акцијата како покровители се приклучуваат и градоначалниците на општините Градско и Росоман, низ чија територија поминува патеката, а како помагатели секоја година се приклучуваат логистичкиот дел на Армијата на Република Македонија и поголем број реномирани домашни винарници. За сите учесници се обезбедени бесплатен грав, греано вино, домашна алва и гурабии во конаците на реновираниот манастир „Св. Архангел“, во близината на селото Горно Чичево.

– Вечно да го чуваме споменот за Калина и Александар и да ја одржуваме тешко востановената традиција на искачување на Клепа. Благодарност до сите клубови во Македонија што го препознаа моментот и се обединија, доаѓајќи од сите четири страни на Македонија – изјави Игор Смилев, претседател на екоздружението „Грин пауер“.

Целта на акцијата е пред сѐ меморијална, за да им се оддаде почит на прерано загинатите планинари Калина и Александар, кои прерано нѐ напуштија на врвот Кајмакчалан. Една недела пред нивната трагична смрт на 10 февруари 2018 година, Клепа им беше последен искачен врв, ни сподели Смилев.

– Следно во март планираме на заградена парцела, каде што во 2018 година Калина засади дрво, да посадиме лаванда. Лавандата е издржлива на суша, па се надеваме дека ќе преживее и ќе се прошири – дополнува Смилев.

Клепа е средно висока планина во средишниот дел на Македонија, на десниот брег на реката Вардар, јужно од градот Велес, во средното Повардарие. Има меридијански правец на протегање, север-југ. Поради стратешката местоположба, врвот Клепа долго време бил центар на воени бази и на фронтовската линија, така што на неговиот врв се наоѓаат остатоци од бункери, засолништа и археолошки наоѓалишта. Турата почнува од Сирково (270 м н.в.), Општина Росоман, се оди до вештачкото Подлешко Езеро (660 м н.в.), па по сртот се стигнува до врвот Клепа и потоа има спуштање кон манастирот „Св. Архангел“. Вкупната должина на патеката изнесува 19,3 километри, со висинска разлика од 880 метри.  С.Ј.