Инцидентот во струшкото основно училиште „Браќа Миладиновци“ и натаму внесува загриженост кај граѓаните, се чека реакција на надлежните
Во струшкото основно училиште „Браќа Миладиновци“ деновиве владее тензична атмосфера, со меѓуетнички набој, додека директорката Албана Жута се прави како ништо да не се случило по инцидентот за време на одбележувањето на патрониот празник. Во целата ситуација изостанува конкретна и јасна реакција од надлежните институции, во согласност со позитивноправните прописи и покрај одекот во јавноста, велат извори на „Нова Македонија“, кои дури беа сведоци на настанот. Тие, сѐ уште возбудени од настанот, многу пластично и емотивно ја опишуваат моментната состојба во училиштето, по скандалот предизвикан од непримерниот говор со запалива реторика и политичка конотација од страна на директорката, при минатонеделното одбележување на патронатот на ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга. Во таа пригода, Жута на албански јазик пред присутните истакнала дека училиштето треба да го врати името од периодот на Втората светска војна, згора порачувајќи и оти треба „да се вратат на патиштата што тогаш биле зацртани“, што претставува алузија на територијални претензии кон Македонија. Таквото обраќање довело до краткотраен прекин на свеченоста, откако дел од присутните изразиле револт. Во меѓувреме, македонскиот наставен кадар од ОУ „Браќа Миладиновци“ апелира да не се дозволи нарушување на хармонијата во училиштето.
Родителите и наставниците се чувствуваат незаштитено, се губи довербата во институциите
Родителите на учениците и дел од вработените во „ОУ Браќа Миладиновци“ се чувствуваат незаштитено поради отсуството на реакција од институциите по скандалот, додека децата и натаму се вознемирени. Инцидентот во меѓувреме е пријавен во полиција, а според последните информации, родителите на учениците веќе поднеле кривична пријава против директорката Жута, како и претставка до Државниот просветен инспекторат, но и натаму се очекува одговор од надлежните и расчистување на случајот. Општина Струга, пак, преку соопштение застанала во одбрана на директорката на училиштето.
– Испровоцирани сме и од извештајот на Општина Струга, која застана во одбрана на директорката, велејќи дека случувањата за време на свеченоста биле предизвикани однадвор, од поединци и од одредени политички сили. Луѓето губат доверба во институциите и се чувствуваат незаштитено. Во училиштето владее лоша и тензична атмосфера, а децата и натаму се вознемирени – посочуваат изворите на „Нова Македонија“, кои побараа да останат анонимни поради ризикот од можни притисоци и закани.
Тие тврдат дека директорката првично се согласила државната химна да биде изведена за време на свеченоста, како и да се прочита реферат што претходно бил напишан од наставниците, пред да ја забрани изведбата на химната и да напише сопствен реферат, што довело до привремен прекин на манифестацијата.
– Директорката првично се согласи државната химна да биде изведена, за потоа да се откаже со образложение дека на тој начин можат да бидат навредени нечии чувства. Таа беше информирана и за напишаниот реферат од наставниците, пред да одлучи самата да напише реферат, за кој ние побаравме превод. Во него беше наведено дека корените на училиштето се од времето кога се нарекувало „Битолски конгрес“ за време на фашистичката окупација во Втората светска војна, во кое целото месно население било присилено да учи на албански јазик. Потоа укажавме дека не треба да се враќаме назад во историјата и ги повлековме децата од свеченоста заедно со родителите – велат дел од присутните на одбележувањето на патронатот на ОУ „Браќа Миладиновци“.
Одбележувањето на патрониот празник во основното училиште „Браќа Миладиновци“ било продолжено по инцидентот, со интонирање на државната химна и со рецитал на песната „Тешкото“ од Блаже Конески од страна на учениците, откако се вратиле во училишните простории. Но истовремено се наметнува размислувањето дека грубата и дрска злоупотреба на свеченоста во струшкото училиште има политичка заднина, чија цел е преку осмислено сценарио да се всади идејата за „голема Албанија“ и да се вознемири мултиетничкото македонско општество.
Стручниот колегиум изразува револт од однесувањето на директорката Жута
Македонскиот наставен кадар при Стручниот колегиум на струшкото училиште изрази незадоволство поради инцидентот, за кој вели дека го навредил неалбанското население, кое со векови наназад живее во хармонија со Албанците.
– Дозволете во име на наставничкиот и стручен колегиум на ООУ „Браќа Миладиновци“ од Струга да изразиме безрезервен револт кон новонастанатата ситуација по инцидентите и реакциите што произлегоа од чествувањето на патронатот на нашето училиште. За информираност на јавноста и избегнување на понатамошни непријатности, јавно обзнануваме дека реакцијата да се напушти манифестацијата дојде по сосема природен пат, бидејќи, иако претходно укажано и алармирано, нашата директорка прифати да биде дел од сценарио, кое и тоа како го навреди неалбанското население, кое со векови живее во Струга, во севкупна хармонија со албанското – се наведува во соопштението на македонскиот наставен кадар од Стручниот колегиум на ОУ „Браќа Миладиновци“.
Оттаму и лично се обратија до директорката, апелирајќи да не дозволи нарушување на мултиетничкиот соживот во училиштето.
– Ви се обраќаме лично вам. Не дозволувајте досегашната хармонија на колективот да биде нарушена на овој начин. Вашите колеги, кои се малку подолго во институцијата, ве советуваат да престанете со нарушување на мултиетничкиот соживот што владее во нашето училиште со години. Истите тие што сега ве тапкаат по рамо ќе дозволат да „изгорите“ бидејќи никој нема да ја преземе вашата одговорност за прекршоците што ги направивте. Зборувате за соживот, а доволно е да ја отвориме официјалната страница на училиштето, па да видиме дека не почитувате ни закон за јазици, ниту оној за знамиња. Се сликате пред големоидеолошки мапи и шовинистички проекти, кои и тоа како ги навредуваат чувствата на целото неалбанско население. Во име на мултикултурализмот, кој толку многу милувате да го изговарате, ве молиме престанете со спроведување политички агенди – категорично велат од Стручниот колегиум на ОУ „Браќа Миладиновци“.
Раководството на струшкото основно училиште „Браќа Миладиновци“ не одговори на настојувањето на „Нова Македонија“, преку мејл, да даде свое видување на инцидентот што се случил на прославата на патрониот празник. Исто како што од училиштето претходно, на денот на настанот, не одговорија на телефонски повици, со што јавноста не беше во можност да ја слушне втората страна. На фејсбук-профилот на ОУ „Браќа Миладиновци“ има објава по повод одбележувањето на патронатот, проследена со честитка од директорката Албана Жута и фотографии од свеченоста, но не се спомнуваат тензиите за кои ни сведочеа присутни. С.Н.М.