Кога Законот за правична застапеност ќе се врати од Венецијанската комисија, истиот ќе биде во собраниска процедура и ќе има јавна расправа, каде секој пратеник ќе може да се изјасни и да придонесе овој Законот да биде подобар и пофункционален. Злоупотреби кои се правеа со балансерот, ќе се решат со ова законско решение, посочи денеска првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, на прес-конференција во одговор на новинарско прашање.
Според Меџити, со ова законско решение ќе се реши прашањето кое требаше да биде затворено од 2003 година.
– Долго време се обидуваа да ја чуваат темата за балансерот, иако балансерот се укина токму од претходната Влада, кога беше присутен и господинот Села. Министрите во владата на Ковачевски беа на иста линија со судиите Македонци од Уставниот суд, кои го укинаа балансерот. Вчера се усвои Законот во Владата, тој ќе оди на мислење во Венецијанската комисија, а потоа ќе биде во собраниска постапка каде ќе може да допринесе секој пратеник со своето мислење – рече Меџити.
Тој напомена дека се погрешни размислувањата дека наводно ќе се загрози албанскиот јазик.
– Велеа дека наводно се загрозува албанскиот јазик, но албанскиот јазик останува таков каков што е. Влен може да го унапреди, албанскиот јазик да добие заслужен статус во иднина – посочи Меџити.