Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска најави дека покрај разрешување на организациските директори во Клиничкиот центар во Скопје, медицинските директори ќе се пренаменат во раководители на соодветните клиники.
За иницијативата за разрешување на организациските директори, Меџити образложи дека таму немало кабинети, возачи, туку секретари, кои, како што рече, ќе работат за матичните клиники.
– Ова се однесува само на Клинички центар. Не дека ќе ги снема само организациските, туку и медицинските директори, кои ќе се пренаменат во раководители на тие клиники. Како што е ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Тоа е успешна приказна и супер функционира – изјави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити по промоцијата на новата онлајн услуга: електронска регистрација на новороденче во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка тереза“-Чаир.
Според него, финансиската импликација од оваа мерка е многу голема.
– Не само платите на директорите, па и снадувањето и тендерирањето, секој сам го прави. Тогаш ќе го прави една куќа и ќе се добие со најниска цена со цел буџетот да не се оштети и пациентите да добиваат подобра услуга – рече Меџити.
Функционирањето внатре, од медицински, здравствен аспект, посочи, сега е потежок. Кога ќе биде еден правен субјект, ќе функционира многу подобро и ќе има термини, смета министерот за здравство.