Фото: Принтскрин

Првиот Вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити го оцени како историски ден за државата денешното потпишување на Договорот меѓу владите на Македонија и Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти.

– Ова е историски ден за државата, потпишување на финансиски договор со Велика Британија, со што стратешки се решаваат и се инвестира во повеќе области како што е железничкиот сообраќај, образованието, здравството. Кон ова додававме и проекти од екологија. Долго време со децении, се трудиме, се бориме да го решиме проблемот со опасниот отпад на неколку точки низ целата држава, посебно фабриките што се од времето на поранешна Југославија, каде отпадот е ризичен и за природата и за граѓаните. Ова е нова можност еднаш засекогаш да се реши тој проблем, со што ќе придонесеме за поздрав живот и за природата во нашата држава – изјави Меџити по потпишувањето на договорот во собата на Винстон Черчил, во Одделот за бизнис и трговија на британската влада, јави известувачот на МИА.

Меџити беше дел од владината делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во која беа и министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорот на Македонски железници и инфраструктура, Синиша Ивановски.

Параф на договорот ставија, од име на владата на Македонија, вицепремиерот Николоски, а од име на Обединетото Кралство, британскиот министер за економија и извоз Герет Томас.

Со договорот влада со влада на Македонија и се ставаат на располагање пет милијарди фунти за проекти од областа на инфраструктурата, здравство, образование, технологија, иновации и животна средина.