Фото:Собрание

Медиумската писменост не е само вештина, туку е неопходност за секој општествен чинител. Неформалното образование, јавни настани, работилници и семинари играат клучна улога во создавањето на отпорност против дезинформациите. Државата треба да создава услови за независни медиуми, каде што новинарите ќе можат да работат слободно и да обезбедуваат веродостојни информации за јавноста, со цел заштита на демократијата. Ова беа дел од пораките, посочени денеска на јавната расправа во Собранието, што се одржа по повод Деновите на медиумската писменост.

Јавната расправа е во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ), во соработка со Клубот за младински прашања и политики.

Според претседателот на Собранието, Африм Гаши, од суштинско значење е да научиме да ги разликуваме вистинските информации од лажните.

-Верувам дека е од суштинско значење да научиме да ги разликуваме вистинските информации од лажните. Уште посуштинско е да се погрижиме граѓаните, а особено младите, да бидат подготвени да ги анализираат и проценат информациите што ги добиваат. Се согласувам дека тоа не е лесна задача во еден глобализиран и дигитален свет каде медиумите се протагонисти на оваа ера – рече Гаши во своето обраќање на расправата.

Како што рече, за справување со овој предизвик потребна е заедничка посветеност, сериозна работа и сеопфатен пристап. Потребно е, потенцираше, постојано да ја промовираме медиумската писменост во учлиштата, универзитетите, институциите и во различни заедници.

-Медиумите треба да ги користиме во корист на правично информирање, на подигање на свеста и промоција на различностите. Собранието секогаш ќе биде отворено и подготвено да служи на оваа цел. Добредојдена е секоја иницијатива, која овозможува да ги зајакнеме правните акти и рамки, за подобри медиуми, за поинформирани и поактивни граѓани – додаде Гаши.

Генерална секретарка на Собранието, Марина Димовска во своето обраќање денеска во Собранието посочи дека медиумската писменост е клучна во денешното општество, во периодот кога информацијата е лесно достапна а истовремено може да биде и контраверзна.

-Медимската писменост е основа за да може да функционира современото општество, во време на брзи промени и технолошки напредок. Таа е клучна во денешното општество, во периодот кога информацијата е лесно достапна а истовремено може да биде и контраверзна. За жал, се повеќе е присутен трендот на масовно ширење на деизнформации од лажни вести – рече Димовска.

Таа подвлече дека во ера на наплив од информации, медиумската писменост е центар на гравитација во борбата против лажните вести кои буквално го преплавија целиот свет.

-Секојдневно добиваме голем број на информации и често граѓаните се во ситуација во која треба да прават дистинкција на вистинити и лажни вести. Општеството треба да има медиумски писмена младина, која ќе знае да разликува различни видови на информации, и која ќе знае да размислува критички и самостојно – рече Димовска.

Според Димовска, со медиумската писменост ние не само што учиме да се заштитиме, туку и да учествуваме во креирањето на нашата реалност.

-Постојано сме изложени на огромни количини на информации, при што имаме тешкотии да утврдиме што е точно, а што не е. Во нашата држава медиумската писменост како поим е прилично нов и не многу познат термин за кој ретко или воопшто не се зборува – додаде Димовска.

Таа потенцираше дека неформалното образование, организирање на јавни настани, работилници, семинари играат клучна улога во промовирањето на медиумската писменост и создавање на отпорност против дезинформациите во општеството.

– Потребно е да се обезбедат доволно обуки за работа со дигиталните алатки специфични со оштетен вид и слух со цел да можат да придонесуваат кон носење подобри одлуки самостојно да функционираат во секојдневниот живот. Да работиме на подигнување на свеста за оваа важна тема – подвлече Димовска.

Координаторка на Клубот за младински прашања и политики, Драгана Бојковска смета дека со поттикнување, заштита и промовирање на медиумска писменост во нејзиното вистинско светло, вршиме и заштита на демократијата.

– Медиумската писменост не е само вештина, туку е неопходност, бидејќи модерен човек во општеството мора да се ориентира во овој свет, во кој имаме наплив на многу вести. Важно е да детектираме кои вести се вистинити, кои се невистинити, а кои се вести кои можеби намерно се креирани, за да се шири одредена дезинформација – рече Бојковска.

Таа додаде дека со медиумската писменост граѓаните можат полесно да препознаат лажни вести и пропаганда, и на тој начин можат да бидат активни и информирани учесници во самиот демократски процес.

Според Бојковска, потребна е поддршка за новинарите да обезбедуваат точни и проверени информации, а државата треба да создава услови за независни медиуми каде што новинарите ќе можат да работат слободно и да обезбедуваат веродостојни информации за јавноста, со цел да ја заштитиме демократијата.

– Порталите во Македонија не се законски регулирани како традиционални медиуми и често имаат слобода да пласираат информации кои би ги процениле по сопствено уверување како точни или неточни и оттука ја потенцирам важноста, дека при објавување на такви информации треба да се обрнува посебно внимание – рече Бојковска.

Пратеникот Бојан Стојановски во своето излагање денеска предложи на следните работилници да бидат вклучени и медиумските работници кои би дале свое видување на темата. Исто така, предложи да се организираат и форуми поделени по региони и општини во државата, на кои ќе се дискутира на оваа тема.

– Суштина на целата дискусија е дека во поново време луѓе полесно доаѓаат до информации. Секој човек носи одлука врз основа на информациите кои ги има во моментот. Дали таа одлука потоа ќе се покаже како вистинска или погрешна е друга тема. Тие информации важно е да бидат точни, поткрепени со релевантен извор на информации и со моменти кои ќе ве насочат да донесете вистинска одлука – рече Стојановски.

Како што рече, ние како држава во изминатите години многу често сме биле на раскрсница на носење на многу сериозни одлуки.

– Колку што сме биле во право како нација, дотолку повеќе и сме донеле погрешни одлуки, за работи за кои сме сметале дека ќе донесат добро на општеството, но подоцна сме сфатиле дека сме донеле погрешна одлука. Најчесто одлуките не можат да се исправат лесно. За грешките да се исправат, потребно е време, а времето е ресурс кој што никој од нас го нема, бидејќи го плаќаме со години од нашиот живот. За тоа да го спречиме, како колективно општество, потребни ни се информации кои се точни, а не такви како што некој сака да ги добиеме – рече Стојановски.