Медиумската писменост е суштинска за постоење правично општество и потребни се самоуверени наставници, дигитално компетентни. Ова се дел од препораките изнесени на меѓународниот симпозиум за медиумска писменост и критичко размислување „Во чекор со трендовите: Образование за медиумска писменост во сè побрзото секојдневие“, кој денеска и утре се одржува онлајн преку платформата „Зум“.
Симпозиумот се одржува во рамки на проект на УСАИД за медиумска писменост, кој го спроведува ИРЕКС заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ). Активностите на YоуТхинк се овозможени со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).
Директорката на Институтот за комуникациски студии Жанета Трајкоска на отворањето на симпоизумот информира дека се приклучиле повеќе од 160 лица, а повеќе од 100 ќе ги следат сесиите.
Директорот на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ Михајло Лахтов соопшти дека на симпозиумот има меѓународни експерти за медиумска писменост. Потенцира дека проектот за медиумска писменост на УСАИД има за цел да ги еманципира младите и самите тие, но и да им помогнат на останатите да се справуваат со проблемите поврзани со лажните вести со пристап до соодветни, релевантни медиуми и со критичко размислување. Посочи дека во рамки на проектот се спроведуваат различни едукативни активности, формални и неформални, заедно со Бирото за развој на образование. Потенцира дека прилагодуваат упатстава, прирачници за наставниците, обучуваат група на наставници за оваа тема.
Професорката на Факултетот за комуникации и медиуми „Харингтон“ во САД, Рене Хобс рече дека иднината на медиумската писменост зависи од нови модели за поддршка на потребите за доживотно учење и од потребите на едукаторите.
Таа рече дека се потребни самоуверени наставници, дигитално компетентни, особено во виското образование, во споредба со основното и средното образование.
– Треба да се креира опкружување каде наставниците се чувствуваат безбедно, ислушано, да се вежба емпатично слушање, каде може да се научат нови идеи за дезинформации, пропаганда, лажни вести, медиумска пристрасност – рече Хобс, додавајќи дека треба да се креираат заедници за учење, со дискусија и дигитална практика.
Професорот на Факултетот за комуникации при колеџот „Емерсон“ во САД, Пол Михаилидис ги пренесе искуствата од спроведените истражувања, анкети и интервјуа за медиумска писменост во САД, најмногу во делот на практиката, со практичари, едукатори и истражувачи. Посочи дека сето тоа е географски специфично, ограничено на САД и додаде дека може да се искористи и пошироко.
– Медиумската писменост е суштинска за постоење на правично општество и тоа е еден од главните механизми за тоа да се овозможи – рече Михаилидис.
Учесниците на виртуелниот симпозиум ќе дискутираат зошто е важно да се се вклучи медиумското образование во универзитетските курикулуми.