Министерството за здравство најостро го осудува секој облик на коруптивно однесување во здравствениот систем. Во врска со случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола, каде што денес медицинско лице е затекнато при примање поткуп, Министерството веднаш иницира постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, согласно законските процедури – соопшти попладнево Министерството.
– Реакцијата на Министерството е брза, принципиелна и недвосмислена, ставена во насока на заштитата на достоинството на пациентите и интегритетот на медицинските лица од јавното здравство. Граѓаните имаат право на фер и достоинствен третман – се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека Министерството не толерира корупција и ќе ги санкционира сите прекршоци за да ја зачува довербата во здравствениот систем.
– Очекуваме институционална истрага и завршница од надлежните органи, со цел ефикасна борба против корупцијата. Ги повикуваме граѓаните да продолжат да пријавуваат преку веб алатката „Пријави неправилности“, додека институциите да продолжат постапуваат доследно и без селективност – стои во соопштението на Министерството.