Фото: Ка.М.

За прв пат во Македонија и вопшто во регионот, во Прилеп ќе се реализира, односно пилотира услугата „Медицинска сестра во заедницата“ со цел добрите практики од ЕУ за осигурување на здравствена и социјална заштита на граѓаните, а особено на лицата во социјален ризик да се применат и кај нас. Дел е од проект поддржан од Австрија.
За спроведувањето на проектот денеска на прес конференција говореа и го образложија Марина Тошеска, од Центар за развој и едукација Прилеп и Зоран Малкоски, директор на Меѓуопштинскито центар за социјални работи – Прилеп.
-Медицинска сестра во заедницата е социјална услуга што се фокусира на здравјето на населението со акцент на превенцијата и промоцијата на здравјето и адресирање на здравстевни проблеми во заедницата. Овој пристап вклучува застапување за поединци и семејства, групи и заедници и нивните здравствени грижи и проблеми, како и развој и планирање на мрежи во јавниот живот кои се однесуваат на прашањата за пристапот без бариери до нега, здравствени и социјални услуги. Со мултиперспективен пристап кон здравјето, грижата се одвива во заедницата, во домовите на луѓето – вели Тошеска, потенцирајќи дека ќе се подобри пристапот до примарна медицинска нега за оние кои се погодени од сиромаштија во руралните области.
Проектот е финансиран од Република Австрија, во партнерство на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи и Центарот за развој и едукација Прилеп, како лиценциран давател на социјална услуга на територијата на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени.
Планиран е ангажман на 10 медицински сестри, и 5 социјални работници и психолози за да се овозможи пристап до сеопфатна услуга на семејства кои живеат во сиромаштија со фокус на руралните средини, а ќе се спроведува и во 2026 година. Ка.М.