Фото: Илустрација

Жител на долненското село Секирци, 46-годишниот Ицко Милески хоспитализиран е на клиниките во Скопје по вчерашниот напад од мечка додека берел печурки. Тој вчера околу 13 часот со пријател бил на вообичаена берба на печурки во атарот на селото Рилево кога одненадеж го нападнала мечка. Сето се случило за десетина минути. По нападот мечката избегала.

Според началникот на хируршкото одделение во прилепската болница, д-р Димитар Иваноски, повредениот бил донесен од пријателот во болницата околу 14 часот. Му биле констатирани тешки повреди на лицето, главата, раката.

– Дежурниот лекар првично констатирал повреди на главата, значи имаше дел откинување на скалпот, имал каснатини на лицето, на носот каде дел од носот е откинат. Потоа имал угризни рани од заби на вратот и на градниот кош. Направена му е компјутерска томографија на граден кош, на вратот и на главата, ординирана е соодветна терапија и тетанична профилакса, вообичаена при напад од животно. Констатирано е дека има присуство на слободен воздух во градниот кош. И поради сериозноста на таквиот тип на повреда, пациентот е транспортиран на клиниката за торакална хирургија во Скопје – изјави д-р Иваноски.

Според концесионерите во Долненскиот регион, досега не бил забележан напад на мечка на луѓето. Тие ги гледале во околината, и со мали мечиња, но директен напад немало. Останува нејасно што ја предизвикало нереќата при вчерашната берба на печурки.

Инаку, мечката е заштитено животно со закон.