Зголемување на капитацискиот бод, промена на начинот на препишување лекови за хронично болните пациенти, воведување нови лекови, како и нов начин на плаќање на лекарите во примарното здравство и на лабораториите, побараа денеска матичните лекари кои излегоа на протест пред Министерството за здравство.
Најавија дека денеска нема да прегледуваат пациенти, а од утре следува повеќедневен штрајк. Според последните информации, приватните лекари од утре повторно ќе примаат пациенти, а договорено било и работните групи да почнат со работа следниот четврток.
Претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова Дервишова, истакна дека протестот е последен крик за спас на приватните матични лекарски ординации.
– Оставивме доволно време да се формираат групите, но тие не проработеа. Бараме покачување на капитациониот бод, кој пред четири години беше зголемен на 63 денари по пациент и оттогаш не добиваме никакви средства плус, а сѐ е поскапено, гориво, струја, животни трошоци – рече Чолакова-Дервишова.
Таа посочи дека бараат да се смени начинот на препишување лекови за хронично болните пациенти и да се воведат нови лекови. Воедно бараат да се најде нов начин на плаќање на лекарите во примарното здравство и на лабораториите, односно се бараат решенија за да има лекари и за опстанок на примарното здравство.
На протестот дојде и министерот за здравство Беким Сали, кој изјави дека добро е запознаен со проблемите на примарното здравство.
– Сите претставници на здруженијата знаат дека работиме на нов модел на финансирање на примарната здравствена заштита. Денешниот ден е за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање – рече Сали.
Тој додаде дека засега работат на три можни модели за промена на начинот на кој се исплаќаат матичните лекари.