Во Прилеп денеска биле приведени 13 лица по масовна тепачка пред градската болница „Борка Талески“ во Прилеп, во која биле повредени тројца, а полицијата морала да пука во воздух за да ја запре.
Според информациите од СВР Битола, во прилепската полиција денеска околу 12 часот било пријавено дека пред Градската општа болница ,,Борка Талески“ во Прилеп настанала физичка пресметка помеѓу повеќе лица, кои употребиле дрвени и други предмети.
-Лицата кои учествувале во тепачката не постапиле по наредбите од полицијата да престанат, по што еден од полицајците испукал неколку истрели во воздух од службениот пиштол. Во полициската станица во Прилеп се приведени 13 лица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави – информираше Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола, пренесе МИА.
Основниот јавен обвинител Лидија Салатоска од прилепското обвинителство потврдува дека пред болницата настанала масовната тепачка и полицијата морала со истрерли во воздух да ја смирува ситуацијата.
-Тепачката помеѓу двете групи почнала изутрината во селото Бела Црква, општина Кривогаштани. Ситуацијата со физичката пресметка се префрлила пред градската болница во Прилеп – вели Салатоска, која не може да каже за мотивот на пресметката.
Од Итната медицинска помош информираа дека пред да се појават групите, три лица побарале лекарска помош. Имале лесни телесни повреди, главно од тупаници и не биле во животна опасност и биле пратени на натамошно лекување во хируршкото одделение во Болницата, пренесе МИА.
По лицата кои барале лекарска помош, веднаш се појавиле двете групи кои ја продлжиле физичката пресметка пред Болницата по што полицијата интервенирала и 13 лица биле приведени.