Паралелно со процесот на скрининг има можност во тој период да се заврши и обврската со измена на Уставот, со додавање на некои заедници, како Хрватите, Црногорците и Бугарите во Преамбулата и во уште една точка во Уставот, каде што се споменуваат сите поименично, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
– Од наш аспект содржински нема никаква пречка тоа да се направи. Мислам дека нашиот концепт на Уставот и нашиот амбиент секогаш бил инклузивен за сите заедници. Ние ќе отвориме дијалог со сите политички партии, како Влада, но и со сите пратеници. Сметаме дека ќе има можност пратениците да се определат јасно дали се за продолжување на европскиот пат, дали се за членство на Северна Македонија во Европската Унија или пак се за застој, враќање назад и отстапување од тој пат – рече Маричиќ во гостувањето во вестите на „Канал 5“.
Тој рече дека верува оти ВМРО-ДПМНЕ ќе ја искористи шансата да биде на страната на членството на Македонија во ЕУ, што е стратешки приоритет на земјата веќе 30 години.
– Веруваме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати оваа шанса и оваа можност, бидејќи ја пропуштија за НАТО, како партија, иако дел од пратениците тогаш го поддржа Преспанскиот договор и уставните измени – додаде Маричиќ.
На прашањето дали процесот на скрининг, кој започнува на средината на септември, се разликува од процесот на скрининг на Албанија, вицепремиерот Маричиќ рече дека двете земји започнаа на ист начин и со истите инструменти, потенцирајќи дека и во 2018 и 2019 година тој примарен, подготвителен скрининг го правевме заедно и дека и овој пат, во јули, првата сесија на скринингот беше заедно со Албанија.