„Дојди на трпезата“ е мотото на вториот Национален конгрес на „Слоу фуд Македонија“ што ќе се случува на 14 јули, недела, во Битола. Седумдесет делегати од конвивиумите, здруженијата и групите кои се дел од „Слоу фуд Македонија“ ќе присуствуваат на овој значаен настан, што ќе ги одреди приоритетите на организацијата и програмските определби на кои ќе се работи во следните 4 години.
– СФМК ќе изготви план и за борба за добра, чиста и правична храна за сите. Ова е предизвик што повикува на итна и длабока промена на пристапот кон квалитетот на храната, што ќе ја консолидира мрежата на активистите на „Слоу Фуд Македонија“ – велат организаторите на настанот.
Сите членови на оваа се помасовна организација во нашата земја, преку своите пораки и активности се стремат заеднички, обединети во различностите, да создададат земја на животот и слободата, што ќе им ја остават на децата и внуците.
– Пораките од Конгресот ќе бидат врзани и упатени до новите генерации и нивното враќање кон природата. Императив и предизвик на „Слоу Фуд Македонија“ се младите луѓе, возобновување со свежа енергија, поврзувањето на храната и иднината, агроекологијата, агротуризмот…Најважно од се е соочувањето со сериозноста на овој социолошки, културолошки и историски момент. Како и досега и во иднина со дејствување, визија и позитивната перспектива ќе се делува инспиративно на заедниците, ќе се гради, спојува и обединува околу заедничката мисија на „Слоу фуд Македонија“ – посочуваат организаторите.