Лешочки манастир / Фото: Архива на „Нова Македонија“

Цели 700 години горат македонските кандила во Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј“ и во соседната црква „Света Богородица“. Пламенот од свеќите во текот на сите овие изминати седум века непрестано ги осветлува иконите со ликовите на светците и на Богородица, но и патот на националното самопотврдување и опстојот на Македонците. Цели седум века Лешочкиот манастир силно зрачи како светилник на македонската самосвест на македонскиот народ не само во Тетовско туку и во пошироко во Македонија

Лешочкиот манастир опстојува по издржаните многубројни обиди за негово уништување, вклучувајќи го и оној на УЧК на 21 август 2001 година

„Чуајте ги обичаите, чуајте ја верата и никоаш немојте да ми го забраете мојов манастир.“ Овој аманет пред својата смрт им го оставил македонскиот просветител Кирил Пејчиновиќ (1771, Теарце – Лешок, 12 март 1845) на македонските поколенија. Но, еден и пол век потоа, на 21 август 2001 година во класичен чин на тероризам неговиот и нашиот, македонски Лешочки манастир ќе биде кренат во воздух со експлозив и ќе биде разурнат до темел. Само една седмица по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Македонската православна црква–Охридска архиепископија во статијата „Лешочки манастир“ ќе напише: „Албанските терористи не го поштедија Лешочкиот манастир: го минираа и го разурнаа до темел во раните утрински часови на 21 август 2001 година. Со ова уште еднаш се потврди дека историјата на селото Лешок и на Лешочкиот манастир се повторува.“

Безуспешни сите обиди за уништување на манастирот

Каква е таа историја на Лешок и Лешочкиот манастир што се повторува? Не случајно формациите на УЧК се обидоа да го уништат во август пред 24 години, не случајно, исто така и Отоманците, бугарските и српските окупатори се обидувале да го уништат. Сите безуспешно. Цели 700 години горат македонските кандила во Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј“ и во соседната црква „Света Богородица“. Пламенот од свеќите во текот на сите овие изминати седум века непрестано ги осветлува иконите со ликовите на светците и на Богородица, но и патот на националното самопотврдување и опстојот на Македонците. Цели седум века Лешочкиот манастир силно зрачи како светилник на македонската самосвест на македонскиот народ не само во Тетовско туку и во пошироко во Македонија.
Манастирот „Свети Атанасиј“ бил изграден во 1321 година како епископски центар на локација половина километар подалеку од сегашната. Тој бил уриван двапати. Во 1690 година Турците ги разурнале и манастирот и црквата „Света Богородица“, во неговиот состав. Овој манастирски комплекс претставува духовен центар на Македонците од овој дел на Македонија. Лешочкиот манастир во историјата е познат како силно жариште на народниот отпор не само против турските освојувачи туку и против денационализаторската и асимилаторска политика на Српската црковна патријаршија и Бугарската егзархија, особено од 1860 до 1912 година. Во Тетовско во 30-тите години од 19 век беше основана црковно-училишна општина, една од најстарите во Македонија. Во неа и во другите, создадени потоа, се реафирмираше идејата за обновување на укинатата автокефална Охридска архиепископија. Кирил Пејчиновиќ во 1817 година станува игумен и го гради повторно Лешочкиот манастир, како големо културно жариште, каде што подоцна на народен македонски јазик ги пишува „Утешение грешним“ и „Огледало“ – предвесниците на македонската книжевност. Во Тетово во 1853/1854 година учителствувал и големиот македонски преродбеник Јордан Хаџиконстантинов-Џинот.
Овие настани биле трн во окото за Србија и за Бугарија. Поради популарноста на Лешочкиот манастир и неговото влијание во поширокиот регион, за него се водел жесток натпревар меѓу српската и бугарската пропаганда. Но, во декември 1890 година месното македонско население со одушевување го пречекало скопскиот митрополит Теодосиј Гологанов. Тој е еден од најсериозните иницијатори за обнова на Охридската архиепископија. Митрополитот Гологанов пристигнал и во Лешочкиот манастир на средба со игуменот Езекил, но турските заптии, по наредба на валијата, го спровеле митрополитот кон Скопје уште рано утрото. Бугарските врховисти и езгархисти во 1898 година го начекале во стапица и sверски го заклале со ножеви игуменот патриот Езекил, кој беспоштедно ги разобличувал агитаторите. По ликвидацијата на Езекил, агресивната бугарска пропаганда успеала со пари, притисоци и со уцени да го преземе економски моќниот Лешочки манастир. „Сепак, и покрај загосподарувањето со манастирот, и покрај големите пари што се издвојувале од државните буџети на Србија и на Бугарија, духот на македонскиот народ не бил скршен“, констатира историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ во својот труд „Српската и бугарската пропаганда во Тетово и Тетовско од 1860 до 1903 година“.
Манастирот „Свети Атанасиј“, оној што беше кренат со експлозив во воздух во конфликтот во 2001 година, бил изграден во 1934 година. Патријархот Варнава на Кралството Југославија упорно предлагал да му биде посветен на српскиот кнез Лазар. Но свештениците Македонци од манастирот и од парохијата се спротивставувале, залагајќи се за името на Свети Атанасиј. Предлогот на свештениците бил прифатен, но без ничија согласност на влезната врата биле насликани ликовите на светецот и на кнезот Лазар. Во 1941 година, кога во конаците била сместена бугарската војска, командирот заповедал да се избрише името Лазар и да се напише името на цар Борис.


Потребна е трајна поддршка заради зачувување
на манастирскиот комплекс во Лешок

Во првата половина од годинава во Лешочкиот манастир се започнати градежни работи за конзервацијата, реставрацијата и ревитализацијата на Стариот конак и конзерваторски и истражувачки работи во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од 14 век, во неговиот состав, која има историски значаен фрескоживопис. Министерството за култура обезбеди шест милиони денари за Стариот конак, за да се заврши голем дел од изградбата, и дополнителни пари за црквата „Света Богородица“. Според најавите, работите на Стариот конак ќе завршат до крајот на годината. Сепак, мора да се воведе трајно, постојано финансирање, а не само еднократни издвојувања, како овие, бидејќи Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј“ и црквата до него „Света Богородица“ се споменици на културата, но и многу повеќе од тоа: тие се паметници за македонското битисување на овие простори во изминатите векови, автентични докази дека никој не го создал Македонецот во својата „етничка лабораторија“, како што се обидуваат да докажат денес Бугарите, чинејќи семожни напори.

Свето Тоевски