Фото: „Нова Македонија“

Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) го осуди инцидентот во кој денеска непознато лице скршило стакло на објектот во кој е сместена Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го осудува инцидентот што се случи денес, во кој непознато лице скршило стакло на објектот во кој е сместена Амбасадата на Република Бугарија во Скопје – велат од МНР.

Претходно од Министерството за внатрешни работи информираше дека инцидентот бил забележан преку видео-надзорот на амбасадата, при што службеник за безбедност пријавил дека едно лице оштетило стакло на влезната врата на објектот.

Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на сторителот и за целосно документирање на настанот.

Во меѓувреме, бугарското Министерство за надворешни работи остро реагираше, оценувајќи го инцидентот како недозволиво посегнување врз дипломатска мисија и сериозно прекршување на меѓународните норми.

Од Софија побараа брза и ефикасна истрага, како и гаранции за безбедноста на нивното дипломатско претставништво во Скопје, најавувајќи дека внимателно ќе го следат развојот на случајот.