Македонското друштво „Илинден“-Тирана ги отфрла како неосновани и тенденциозни обвинувањата изнесени во пропагандна емисија „Студио Actualno Балкани“ и настапот на Ервис Талури, претставник на т.н. Друштво за бугарско-албанско пријателство, структура која одамна нема ништо заедничко со пријателство, а со манипулација, асимилација и криминал.
Станува збор за класична медиумска манипулација со цел замолчување на македонските активисти во Република Албанија.
-Во пропагандна емисија „Студио Actualno Балкани“ Ервис Талури, претставник на т.н. Друштво за бугарско-албанско пријателство директно ја напаѓа Македонска алијанса за европска интеграција и нејзиниот претседател. Овие емисии претставуваат продолжение на долгогодишната политика на Бугарија за негирање на македонската нација и македонскиот идентитет. Ервис Талури, роден и израснат во Албанија, од татко Албанец и мајка Македонка, по целосно школување, финансирано и организирано од бугарската држава, од средно образование до докторски студии, денес се враќа во Албанија како „експерт“ за бугарско малцинство, со задача да ги негира Македонците, да ја напаѓа македонската партија и да ја релативизира вистината. Таквата политика, која користи методи од 19 век, е спротивна на европските вредности и основните човекови права – велат од „Илинден“-Тирана.
Оттаму додаваат дека јавноста мора да знае дека „зад оваа пропаганда стои добро организиран механизам“.
-Друштвото за бугаро-албанско пријателство со години е поврзано со бизнисот со бугарски пасоши, каде од албански граѓани се наплаќаат илјадници евра за „докази за потекло“, лажни потврди и посредување. Овој криминален модел не е тајна – за него имаше апсења и во самата Бугарија и Албанија, а дел од инволвираните лица завршија и на меѓународни црни листи. И покрај притисоците со кои сме постојано соочени,преку разни методи, Македонското друштво „Илинден“-Тирана ќе продолжи одлучно да се бори против негацијата на македонскиот идентитет од страна на бугарските оркестрирани структури, како во Албанија, така и во европските институции -стои во сопштението на Македонско друштво „Илинден”-Тирана.


































