Лого/ МД Илинден - Тирана

Не ги признаваме и со огорченост ги отфрламе прелиминарните пописни резултати во Република Албанија, кои ги сметаме за груб пописен фалсификат, по желба на Бугарија, реагираат од Македонското друштво „Илинден“-Тирана.

-Јавна тајна е дека Бугарија го контролираше пописот, што го потврдува и фактот дека во Бугарија за време на пописниот период во Република Албанија, на социјалните мрежи беа објавувани фотографии од пописните фоемулари како се изјаснувале жителите во Република Албанија – стои во реакцијата.

Во неа се додава дека „овие податоци се заштитени со закон, но објавуваните материјали покажуваа дека бугарските служби имале пристап до нив”.

-Во име на Македонците во Република Албанија не само што не ги признаваме фалсификуваните пописни податоци за македонското национално малцинство, туку бараме и од државата и од меѓународните институции да го сторат истото, бидејќи овие фалсификувани резултати се против уставниот поредок и европските аспирации на Република Албанија, нагласуваат од „Илинден”. Исто така друштвото бара спроведување на нов попис, заснован на меѓународни стандарди и под меѓународен мониторинг, за да се гарантира чесен и транспарентен процес кој ќе ја одразува етничката реалност во Република Албанија. Воедно, од Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција на Република Албанија бараме да поведе истрага не само за ИНСТАТ, туку и за сите показатели за незаконски извршена попишувачка активност од страна на попишувачите, бидејќи отворен е сомнежот во нивната улога во пописот – се вели во соопштението.

Македонското друштво ги повикува европските институции, кои, како што стои во реакцијата, тврдат дека се темелат на демократското однесување во однос на основните човекови права, да се позанимаваат со „суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари врз македонското национално малцинство во Република Албанија“.

-Македонско друштво „Илинден“-Тирана ќе го информира раководството на Федералната унија на европските националности, ФУЕН за грубиот пописен фалсификат, зашто во Албанија „етнички Бугари“ нема. Во ниту еден попис од 11 претходно спроведени ниту едно лице не се изјаснило како Бугарин. Нив ги нема на целата територија на Албанија, освен во бугарската амбасада – реагираат од „Илинден“-Тирана.

Претставници на Македонците демонстративно ја напуштиле презентацијата на пописните резултати во Тирана, поради несоодветно напишаната етничка припадност

„Друштво Преспа” од Тирана: Албанската Влада легитимира пописен фалсификат за Македонците