Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вчера донесената одлука на македонската влада, за отворање генерален конзулат во Корча, за Македонците во Албанија претставува историски чин, стои во соопштението на македонското друштво „Илинден” -Тирана.

– Во мое и во име на македонско друштво „Илинден”-Тирана и Македонците во Република Албанија упатувам честитки до Владата на Република Македонија која на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, донесе одлука за отворање генерален конзулат во Корча, историски ден за Македонците во Албанија – се наведува во соопштението потпишано од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај.

Потсетува дека како друштво, заедно со други македонски друштва и партијата МАЕИ, за тоа долго се залагале, но дури сега станува реалност.

Инаку, ова исполнување на барањето од претставници на Македонците во Албанија упатено уште во 2013 година на средбата во Поградец со тогашниот македонски претседател Ѓорге Иванов.

Според одлуката на владата, генералниот конзулат во Корча ќе биде со јурисдикција во целиот регион.

– Граѓаните мора да имаат брз и ефикасен сервис и услуги, поддршка за културни, образовни и економски врски. Владата продолжува со конкретни мерки и политики кои имаат за цел да ја потврдат вистинската грижа за подобрување на стандардот и враќање на довербата на граѓаните во институциите – се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски посочи дека со отворањето на Генералниот конзулат, Македонците кои живеат во Корча, Преспа, Поградец, Голо Брдо и Гора ќе добијат побрз и полесен пристап до конзуларните услуги, како и поддршка за културни, образовни и економски врски.

– Грижата за Македонците во Албанија не ја покажуваме со зборови, туку со конкретни дела. Целиме кон посилна грижа за интересите на нашите граѓани. Брз, достапен и квалитетен сервис – нагласува меѓу другото министерот Муцунски.