Македонското друштво „Илинден“- Тирана до година ќе биде домаќин на семинарот на работната група на словенските малцинства во Европа при Федералната унија на европските националности (ФУЕН).
Ова едогласно е одлучено на 28. семинар на работната група на словенските малцинства што се одржува во Горица, Италија, во чија работа учествува и Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
-Ова е многу значаен, би го оценил историски ден за Македонците во Република Албанија. Нашето друштво за првпат во 2026 година, ќе биде организатор и домаќин, на семинарот на работната група на словенските малцинства (АГСМ) при ФУЕН, настан што се одржува секоја година во различен регион со словенско малцинство во Европа. За нас тоа е голема чест и секако вреднување на нашата активност- изјави Ѓурѓај за Македонски весник „Илинден”.
Групата е основана во 1996 година, во неа членуваат 33 асоциации од цела Европа а од 16 мај 2015 година, кога Македонското друштво „Илинден“- Тирана стана полноправна членка на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) е дел од оваа гупа.
На семинарот и оваа година биле презентирани извештаи за моментната состојба на словенските малцинства во Европа, а биле договорени и идните активности на работната група.
Во тие рамки Ѓурѓај презентирал извештај за положбата на Македонците во Република Албанија и проблемите што ги застегат, како и на активностите на нашето друштво.




































