Македонско друштво „Илинден”-Тирана бара да се форимираат општина Голо Брдо и Гора откако поминаа десет години од територијалната поделба и нема просперитет за регионите Голо Брдо и Гора во Албанија. Во информацијата до медиумите потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на „Илинден”-Тирана и Фатри Фатаху, претседател на „Илинден” – огранок Голо Брдо, се вели дека по десет години од реформата на територијалната организација на локалната самоуправа во Албанија, областите Голо Брдо и Гора каде што живеат Македонци, останаа неразвиени.
-Во 2014 година Владата ги укина и општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, за првите две да ги приклучи кон општина Булќиза, како и општините Шиштевац и Запот во областа Гора кои сега се приклучени кон општина Кукс. Единствена македонска општина во Република Албанија остана општина Пустец во областа Мала Преспа. И покрај барањата на Македонците во 2014 година, Владата не ги удоволи нивните барања за формирање на општините Голо Брдо и Гора – се вели во информацијата.
Македонците во областите Голо Брдо и Гора, укинувањето на општините го сметаат за чекор назад во почитувањето на малцинските права во Република Албанија.
-Македонското друштво „Илинден”-Тирана и Македонското друштво „Илинден”- огранок Голо Брдо повторно го актуелизираат барањето од пред 2014 година – се вели во информацијата.
Тие бараат изменување и дополнување на Законот за општините со формирање на две општини: општина Голо Брдо и општина Гора.
-„Илинден”-Тирана и „Илинден”- огранок Голо Брдо сметаат дека градоначалниците не треба да бидат именувани од Владата туку избрани на избори од граѓаните, заради нивната доверба во системот и непосредно решавање на локалните комунални проблеми – додаваат оттаму.