Во попладневните часови се очекува со владиниот авион од Израел кон Скопје да полетаат македонските државјани кои побарале евакуација. Со тоа, како што информира Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, ќе биде заокружен процесот на евакуација на македонските граѓани од Израел.
Според информациите од Министерството, во другите подрачја погодени од воениот конфликт до денес 505 македонски државјани се обратиле до Амбасадата во Абу Даби, 31 лице во Кувајт, 14 во Бахреин и 141 лице во Доха.
Од ресорното Министерство посочуваат дека во наредните денови се очекува да започне враќањето на македонските државјани од Обединети Арапски Емирати, како и на оние кои се наоѓаат во Катар, Бахреин и Кувајт. За нив е предвидено организирано враќање со летови преку Саудиска Арабија.
Министерството нагласува дека процесот на евакуација се спроведува според претходно изготвен план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции.
Воедно, апелира до сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, а имаат потреба од помош, да го направат тоа во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви на претставништвата или преку СОС-бројот на Министерството.
































