Нашиот народ го смета Духовден за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква, се изведуваат некои обичаи, а во некои места дури, кога ќе прекрши денот, имено попладне, се играат и ора. Во народното верување овој празник најмногу се поврзува со душите на умрените, а според народните верувања, „бидејќи душите на мртвите се слободни во овој период и бидејќи им е мило да се покрај своите“, луѓето им приредуваат гозби. Овој обичај се прави на Задушница, ден пред Духовден. На Духовден се раздава „за душа“. Тоа се прави и за да се задоволат мртвите зашто пред да бидат затворени треба да бидат убаво нахранети. Обичај на верниците е дека „не смее ништо да се јаде додека не се раздаде нешто за – задуша“. Народот верува дека на овој ден душите на мртвите се причестувале поради што луѓето раздавале за „бог да прости“ за да имаат тие со што да се причестат. Иако Духовден нема врска со Задушница (зашто Задушница е празник за споменување на покојните, а со тоа ден исполнет со тага), Духовден всушност е радосен празник зашто се празнува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и основањето на христијанската црква, сепак, може да се рече дека фактот што овие денови временски се поврзани, Задушница е само еден ден пред Духовден, придонел многу народни македонски обичаи и верувања поврзани со душите на покојните предци да се изведуваат и во неделата на Духовден. Така на пр. во некои места на гробовите се оди токму во неделата, на гробовите се стават оревови гранки, гробовите се пеат од свештеникот, а не се палат свеќи. Мешањето на верувањата со христијанските норми на празнување е присутно и во други обичаи поврзани со други празници.
Интересен обичај за Духовден во с. Горна Белица, Струга
Павел Трпковски, поранешен армиски офицер, командир на караулата „Три шиљка“ на планината Јабланица (македонско-албанска граница), своевремено одговорен за безбедноста на граничната линија (загрозување на територијалниот интегритет) во потегот кај селото Горна Белица, Струга, раскажува интересен обичај за празникот Духовден, кој се изведувал над селото Горна Белица, во близината на границата со Албанија, кај црквата „Свето Тројство“. Токму таа црква е изградена со помош на македонските војници од караулата. Црквата е осветена во 1997 година. Оваа локација е позната под името Парумба (на влашки – гулаб), а токму гулабот е симбол на Светиот Дух.
Имено, според зборовите на Трпковски, ова култно место на кое има света вода одамна било посетувано од верниците на вториот ден од празникот Духовден.
– Постои специфичен обред, така што жените одат облечени во бела облека и забрадени со бели, памучни тулупи (омоти околу главата). Се оди рано, но не пред да огрее сонцето. На почетокот на поворката се носи икона. Доколку поворката стигне до црквата „Свето Тројство“ пред изгрејсонце, таа сопира и чека да излезат првите сончеви зраци. Првата жена во поворката, водителката, кај светата вода ги попрскува другите од поворката со босилек натопен во мед и млеко. Учесниците во овој ритуал ги споменувале поименично починатите од својата фамилија – вели Павел Трпковски, кој долги години бил на професионална воена служба токму во овој регион на Македонија.
Според народното предание на старите од селото Горна Белица, на ова место некогаш многу порано имало населено место што настрадало од болеста – чума. Затоа врвот над селото и се вика Чума. Починатите биле погребувани кај местата Чума и Црн Kамен. Оваа локација уште од локалното население е позната под името Градина на Умрените, а долот се нарекува Дол на Умрените. На ова место никогаш нема обичај да се игра и пее, немало зурли и тапани, дури и тивко се зборувало за да не им наруши спокојството на покојните.
Обичај за Духовден во селото Лески
Интересен обред со давање курбан на Светиот Дух е забележан во селото Лески, Неврокопско. Таму, имено, се верувало дека полето го чува еден змеј што живеел во некоја пештера во планината. На празникот се изведувале многу обичаи за да му угодат на Светиот Дух, но и на змејот за да го чува полето од градобијни облаци. Според преданијата на локалното население, одамна, раскажувал некој старец, дека „една година не излегле да направат курбан, и токму таа година град (мраз) направил пустош“, што потоа го зацврстил обичајот со давање „курбан“. А обичајот е ваков: на врвот на планината се колел овен и крвта му истекувала во пештерата во која, како што кажувале, доаѓал змејот. Во таа пештера ги фрлале и роговите и другите остатоци ако јаделе таму. Ако времето било ветровито, овенот го колеле на врвот, но потоа слегувале до некое место пониско и во завет, го готвеле јадењето и го јаделе, но ајазмото (водосветот) и адетите ги правеле на врвот. Со чукање на железно клепало, народот се повикувал да оди кон врвот зашто црковната служба веќе била завршена. Селаните облечени во празнична носија тргнувале кон врвот. Таму жените ги ределе своите колаци (лебови) околу пештерата. На една мала плоча во близината на пештерата ставале сад со вода и започнувал водосветот.
За издвојување е еден општоприфатен обичај на народот за Духовден. Имено, задржан е обичајот на овој ден на гробовите да се носат дулиња (бардачиња). Во некои краишта тие се оставаат на гробовите. Во текот на годината кога се оди на гробишта, бардачињата се дополнуваат со вода. Има и други верувања поврзани со овој ден. Така на пр. се верува дека ако човек умрел од Цветници (Лазара) до Духовден, тој одел право во рајот. Во некои краишта (Гевгелиско) брзале до Духовден да го дожнеат јачменот, затоа што потоа дувале силни ветрови и го уривале родот… В.Р.