Во денешниов есеј се обидов да поврзам две навидум далечни теми: наратологија и карневализација – теми што се поврзуваат во ликот и делото на рускиот филозоф, книжевен критичар и семиотичар Михаил Бахтин, кој по неговата смрт во 1975 година, благодарејќи на бугарско-француските филозофи Јулија Крстева и Цветан Тодоров, доживува популарност и оправдано денес се смета за еден од најважните теоретичари на литературата и културата. Денешниов есеј ќе го завршам со две пораки

 

Македонската карневализација, во изминатите триесетина години, се материјализира, од една страна, преку повеќе „костими“ за домашна употреба, последниот – Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, „облечен“ во Собранието на Република Македонија на 29 јули 2021 година и, од друга страна, реалната „одежда“ на македонските властодршци што се користи при „патувањата“ надвор од Македонија: да ги потсетам читателите на „Нова Македонија“ дека властодршците прво се откажаа од Македонците во Грција и во Бугарија – на 13 септември 1995 година, Владата на СДСМ се откажа од Македонците во Грција, на 22 февруари 1999 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ се откажа од Македонците во Бугарија, додека, пак, договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година претставуваат продолжение на веќе претходно договорените односи по прашањето за Македонците во Бугарија и во Грција, за конечно – очекувано, нели!, да се откажат и од Македонците во Македонија прифаќајќи ја Преговарачката рамка со ЕУ на 18 јули 2022 година

Во изминатите триесетина години, Македонија се соочува со гротескниот спој на фантастичното и реалното: фантастичното – одраз на нашите (пусти) желби за ЕУ-интеграција и реалното – суровата слика на македонската реалност, спој што може да се сумира со поимот карневализација воведен од Михаил Бахтин, а во Македонија успешно имплементиран преку македонската надворешна политика од независноста до денес. За Бахтин „карневалот“ (севкупноста на популарните свечености, ритуали и други карневалски форми) е длабоко вкоренет во човечката психа и на колективно и на индивидуално ниво, што му овозможи да воведе јазик којшто ја унифицира „карневалската смисла на светот“, нарекувајќи ја оваа транспозиција карневализација, при што Франсоа Рабле, авторот на „Животот на Гаргантуа и Пантагруел“, и Фјодор Достоевски се примери во литературата. Стотина години подоцна, во Македонија, граѓаните на Македонија, меѓутоа и граѓаните на другите западните држави – при што спојот на фантастичното и реалното поседува карактеристични специфичности за секоја држава, веќе подолго време, се сведоци на карневализација на општеството.

Научната дисциплина наратологија – термин воведен во 1969 г. од Цветан Тодоров, под којшто се подразбира проучување на наративот и наративната структура и начините на кои тие влијаат на човечката перцепција, започнува со руските формалисти, особено Владимир Проп и Михаил Бахтин. Во „Балканските наративи“, Катица Ќулавкова, демистифицирајќи ги стереотипите на Балканот низ призма на неговите митски, епски, културни, историски и политички наративи, го ревидира доминантниот културолошки дискурс за Балканот и ја сугерира потребата од ревизија на геополитичките пристапи спрема Балканот. Наративите се моќна алатка за опишување и анализа на појавите и процесите не само во општествените и хуманистичките науки туку и во природните и техничките науки (особено при опишување на неодамнешните истражувања во вештачката интелигенција, за што ќе пишувам во друга пригода).

Во книгата „Големиот израмнувач“ (2017 г.), авторот на книгата Волтер Шајдел (Walter Scheidel), професор по историја на Универзитетот „Стенфорд“ во Калифорнија, повикувајќи се на податоците од книгата „Атлас на историјата на светското население“ (1978 г.), накусо заклучува дека, во квантитативна смисла, „империите одржувани од моќни екстрактивни елити имаат конкурентската предност“ во однос на другите државни уредувања. Книгата, според некои мислители, нуди суштински придонес во дебатата за нееднаквоста, обезбедувајќи нови сознанија за тоа зошто нееднаквоста е толку присутна и постојана – и зошто е малку веројатно таа наскоро да се намали. Оттука произлегува важечкиот (инаку, според моето мислење, погрешен) историско-економски наратив на Западот: империите (државите нации) се иднината на човештвото.

Меѓутоа, многу други еминентни професори ги оспоруваат заклучоците што се добиваат користејќи ги податоците од Атласот. Тимоти Гинаин (Timothy W. Guinnane) професор емеритус по економија на Универзитетот „Јејл“, во трудот со наслов „Не ја знаеме популацијата на секоја земја во светот во последните две илјади години“ (2023 г.), укажува дека „економетриските резултати што се потпираат на Атласот се неверодостојни“. Всушност и авторите на атласот во додатокот „Веродостојност“ ќе речат: „Историските демографски хипотези, според најновиот развој во науката, не се тестирани, и следствено, тие не се статистички веродостојни“. Различни археолошки истражувања во последните дваесетина години потврдија дека податоците во Атласот не се веродостојни – еден таков пример се неодамнешните резултати објавени во списанието „Наука“ („Science“) од 11 јануари 2024 година, коишто сведочат за постоењето на густа мрежа од меѓусебно поврзани градови, стари најмалку 2.500 години, скриени под шумата во амазонскиот дел на Еквадор. Многубројните нови археолошки податоци, сепак, не предизвикаа голем дел од историчарите и/или економистите да го сменат историско-економски наратив изграден исклучиво врз нецелосните податоци од Атласот.

Македонската карневализација, во изминатите триесетина години, се материјализира, од една страна, преку повеќе „костими“ за домашна употреба, последниот – Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, „облечен“ во Собранието на Република Македонија на 29 јули 2021 година и, од друга страна, реалната „одежда“ на македонските властодршци што се користи при „патувањата“ надвор од Македонија: да ги потсетам читателите на „Нова Македонија“ дека властодршците прво се откажаа од Македонците во Грција и во Бугарија – на 13 септември 1995 година, Владата на СДСМ се откажа од Македонците во Грција, на 22 февруари 1999 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ се откажа од Македонците во Бугарија, додека, пак, договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година претставуваат продолжение на веќе претходно договорените односи по прашањето за Македонците во Бугарија и во Грција, за конечно – очекувано, нели!, да се откажат и од Македонците во Македонија прифаќајќи ја Преговарачката рамка со ЕУ на 18 јули 2022 година.

Во денешниов есеј се обидов да поврзам две навидум далечни теми: наратологија и карневализација – теми што се поврзуваат во ликот и делото на рускиот филозоф, книжевен критичар и семиотичар Михаил Бахтин, кој по неговата смрт во 1975 година, благодарејќи на бугарско-француските филозофи Јулија Крстева и Цветан Тодоров, доживува популарност и оправдано денес се смета за еден од најважните теоретичари на литературата и културата. Денешниов есеј ќе го завршам со две пораки.

Прво, тргнувајќи од ветувањето на претседателот Џорџ В. Буш дадено на тогашниот советски претседател Михаил Горбачов дека НАТО нема да се помести „ни педа на исток“, на прашањето зошто Горбачов не побара тоа да се стави на хартија, Чомски вели: „Тој го прифати џентлменскиот договор, што не е толку невообичаено во дипломатијата. Ракување и даден збор. Понатаму, таа хартија не би променила ништо.

Договорите на хартија постојано се кинат“. Меѓутоа, тоа што се случи последните десетина година на геополитичката сцена, потврдува дека ниту договорите ниту дадените зборови се почитуваат. Всушност, според Чомски, САД се подготвени да жртвуваат многу повеќе, вклучувајќи ги „животите на Украинците, Азијците и Африканците, иднината на цивилизацијата“ само „за да се ослаби Русија, да се увериме дека таа претрпела доволно“, заклучувајќи дека ако „ги земеме предвид сите ризици, гледаме дека луѓето што држат предавања за одбрана на принципите, всушност, се морални имбецили“. Оттука, добивањето писмена гаранција дека уставните измени се последен услов за ЕУ-интеграцијата на Македонија е бесмислен документ и нема никого да обврзе. Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ, всушност, потврдуваат дека Македонците никогаш нема да бидат дел од ЕУ-семејството, за разлика од државата Македонија, којашто, можеби, во некоја многу далечна иднина, ќе биде, но без Македонци. „Сè има свое време и секоја работа под небото има свое време“, па, така, ќе дојде време и договорите со Грција и со Бугарија, парафразирајќи го Чомски, да се скинат. Оттука, мојата прва порака е: времето за раскинување на договорот со Бугарија веќе одамна помина, па затоа, ајде да го раскинеме!

Втората порака е поврзана со цитат од извонредниот есеј „Од другата страна на кралствата и империите“ на Дејвид Венгроу (David Wengrow), професор по компаративна археологија на престижниот „Јуниверзити колеџ Лондон“ (University College London), објавен на 5 јули 2024 година: „Земјината почва не само што го овозможува живот на луѓето, туку претставува форензичка архива, која содржи скапоцени докази коишто ги оспоруваат излитените наративи за потеклото на нееднаквоста, приватната сопственост, патријархатот, војувањето, урбаниот живот и државата – наративи родени директно од искуството на империите, напишани од ‘победниците’ на иднината, која допрва од сите нас ќе направи губитници“. Мојата втора порака е: Македонскиот наратив досега го пишуваа други – лажните победници, време е да почнеме ние, Македонците, да го пишуваме македонскиот наратив и да престанеме со македонската карневализација.