Клучната улога на полициските службеници во обезбедувањето на јавната безбедност и борбата против криминалот и корупцијата беа во фокусот на денешното одбележување на 7 Мај – Денот на македонската полиција. На свеченоста во Центарот за обука на МВР во Идризово беа нагласени постигнатите резултати, како што е намалувањето на криминалитетот за речиси пет проценти и сузбивањето на 14 организирани криминални групи. На настанот беше испратена порака дека во државата нема место за врски, непотизам и заштита од одговорност и дека борбата против криминалот и корупцијата ќе продолжи со целосна посветеност.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја истакна важноста на полициските службеници во одржувањето на јавната безбедност и порача дека да се биде полицаец не значи само носење на униформа, туку и посветеност во заштитата на татковината.
– Современиот безбедносен контекст е сложен, се соочуваме со големи предизвици и нашата улога денеска е поодговорна од кога било – истакна Тошковски, додавајќи дека Министерството за внатрешни работи активно соработува со бројни европски и регионални партнери.
Министерот се осврна и на резултатите од работата на полицијата во изминатиот период, нагласувајќи дека минатата година е забележано намалување на вкупниот криминалитет за речиси пет проценти и сузбиени се 14 организирани криминални групи, од кои најмногу поврзани со трговијата со дрога.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченоста, порача дека во државата нема место за врски, непотизам и заштита од одговорност.
– Имаше време кога институциите се користеа за лични и политички интереси, а не за правда. Пораките „ќе средиме“ и „ќе се јавам“ беа погласни од законот. Тоа време е завршено. Сакам денес јавно и гласно да кажам дека во оваа држава нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност. Законот важи за сите, без разлика дали станува збор за обичен граѓанин, функционер или бизнисмен – нагласи Мицкоски.
Борбата со криминалот и корупцијата, како што истакна, мора да се води со целосна посветеност и чисти раце.
– Денес испраќаме силна порака дека нема компромис со криминалот. Корупцијата и организираниот криминал немаат место во државата која сака да оди напред. Одлучни сме, како Влада, како институции, но пред сè како општество – дека оваа борба мора да се води со целосна посветеност, со вистински партнери и со чисти раце – рече Мицкоски.
Слична порака испрати и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев нагласувајќи дека функцијата не е штит и дека никој не е над Законот.
– Сакам најдоблесно да им се обратам на сите раководни лица од Бирото за јавна безбедност на сите кои како раководство им дадовме шанса, поддршка. Функцијата не ви е трофеј, таа е одговорност. Не заборавајте дека никој не е вечен. Во едно современо општество не владее поединецот, владее правото – истакна Јанев.
Во рамки на прославата се одржа и изложба и презентација на опрема на различни полициски единици.