Македонската амбасада во Обединетите Арапски Емирати ги информираше македонските државјани кои се наоѓаат во Бахреин дека во среда ќе биде организиран нивен транспорт до Саудиска Арабија, од каде со специјален лет ќе се вратат во Македонија.
Според соопштението објавено на официјалната Фејсбук-страница на амбасадата, автобус на компанијата „Флајнас“ ќе тргне на 11 март во 06:00 часот наутро од Манама, Бахреин, кон Меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад. Оттаму, граѓаните ќе бидат транспортирани со специјален лет организиран од Владата на Македонија.
Од амбасадата посочуваат дека на објавената локација во Манама е предвидено собирање на патниците пред поаѓањето на автобусот.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, претходно информираше дека во тек е координирана евакуација на македонските државјани од повеќе земји на Блискиот Исток, која се очекува да биде завршена до крајот на неделата.

































