Фото: Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ)

Во пресрет на 21 февруари Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, единствената партија на Македонците во Албанија, порачува дека „македонскиот јазик е богатство на културата и идентитетот на македонската заедница во Албанија”, пренесува МИА.

Честитајќи го денот додава дека преземајќи активности за заштита на мајчините јазици, можеме да обезбедиме секоја култура да не го изгуби својот идентитет и да го зачува своето културно богатство.

-За македонската заедница во Албанија е важно да има можност да го изучува, да го студира и да го користи мајчиниот јазик без дискриминација. Важно е да се напомене дека мајчиниот јазик е многу повеќе од средство за комуникација. Тој го претставува идентитетот и културата на еден народ и е богатство кое мора да се чува и заштити – се наведува во честитката.

Во овој контекст, оценува партијата, заштитата и употребата на јазикот на една заедница, како што е македонската во Албанија, е многу поголем предизвик.

-Дискриминацијата и непочитувањето на мајчиниот јазик може да доведе до негово губење. Во оваа точка државата и јавните институции имаат суштинска улога во заштитата и унапредувањето на мајчиниот јазик. Ова може да вклучува употреба на јазикот на заедниците во официјалните документи, во сите нивоа на образованието, во локалните и националните медиуми, како и финансиска поддршка за иницијативите и организациите кои работат на зачувување и промовирање на нивниот јазик – се нагласува понатаму.

Се посочува дека освен тоа „и ние како поединци можеме да направиме промена ценејќи го и користејќи го нашиот мајчин јазик“.

Образложува дека во Албанија живеат над 100 илјади Македонци, а македонскиот јазик се зборува во областа на Преспа (има настава на македонскиот јазик во училиштата), во областа Голо Брдо (имало настава на македонски јазик во годините 1945-1948), во областа Гора, во селото Врбник, областа Девол (настава на македонски јазик имало до 2014 година) како и во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Подградец, Корча, Билишта и други градови.