Навршувањето на 78-годишнината од смртта на Малецки е соодветна пригода за навраќање со должна почит кон личноста, животот и творештвото на овој полски лингвист, славист, балканист, дијалектолог, истражувач на јужнословенските дијалекти, прв полски македонист. Севкупните негови македонистички истражувања и дела се траен и импозантен споменик на македонскиот јазик
Седумдесет и осум години од смртта на еден од најзначајните светски македонисти
Истражувањата покажаа дека можеме да го поврземе словенскиот јазик со македонските дијалекти од територијата на Солун, родниот град на Кирил и Методиј. Лингвистичките аргументи доволно сведочат против тезата дека црковниот јазик потекнува од Панонија и нè принудуваат да мислиме само на Солун – татковината на браќата Кирил и Методиј, како татковината на јазикот на кој го превеле Светото писмо. Најстариот словенски јазик го именувам како староцрковнословенски јазик, кој потекнува од ова подрачје на македонските дијалекти, каде што се родиле Кирил и Методиј. Овие два словенски апостола пристигнале во Моравија со својот црковен јазик од Македонија, кажува јасно и прецизно еден од првите и, без сомневање, еден од најзначајните светски македонисти, Полјакот Мјечислав Малецки, во својата научна студија со наслов „Најстариот словенски книжевен јазик“. Таа студија е издадена во 1947 година во Краков, Полска, во рамките на библиотеката „Словенски студии“ на Јагелонскиот универзитет.
Малецки починал на 3 септември 1946 година, а ова научно дело со непроценлива вредност за македонскиот народ и за македонскиот јазик е издадено една година по неговата смрт. Навршувањето на 78-годишнината од неговата смрт е соодветна пригода за навраќање со должна почит кон личноста, животот и творештвото на овој полски лингвист, славист, балканист, дијалектолог, истражувач на јужнословенските дијалекти, прв полски македонист. Севкупните негови македонистички истражувања и дела се траен и импозантен споменик на македонскиот јазик, бедем пред кој се уриваат како смешни и неодржливи бугарските, грчките и сите други негаторски фалсификати за непостоењето на македонскиот јазик и неговите дијалекти на целата некогашна етнојазична територија на Македонија, пред нејзината поделба со Букурешкиот договор од 1913 година.
Важни теренски истражувања
Теренските дијалектолошки истражувања на Мјечислав Малецки се исклучително важни прилози кон историјата на македонскиот јазик. Тој ја потврдува со аргументи македонската теорија и ја побива панонската теорија за потеклото на староцрковнословенскиот јазик. Овој полски лингвист и македонист нагласува дека првиот писмен книжевен јазик – старословенскиот е настанат врз основа на македонските говори од непосредната околина на Солун, а оти првите црковни книги биле преведени од грчки на старословенски со глаголицата, создадена од Кирил и Методиј. За тоа дека во основата на старословенскиот јазик се наоѓаат македонските говори од околината на Солун, значи, зборува македонската теорија, чии создавачи се Ватрослав Облак и Ватрослав Јагиќ, а Малецки ги дополнува и творечки се надоврзува кон нив. Основите на македонската теорија се поставени кон крајот на 19 век, кога Ватрослав Облак ги вршел своите теренски истражувања во трите солунски села: Сухо, Висока и Зарова и ги објавил во книгата „Македонски студии“ на германски јазик.
„Главен претставник на оваа македонска теорија за потеклото на староцрковнословенскиот јазик е Ватрослав Јагиќ. Македонските дијалекти од околината на Солун се истражуваат и во делото на В. Облак ‘Македонски студии’. објавено во 1896 година… Откако пристигнале во Моравија и се запознале со црковните термини, што веќе се користеле таму, словенските апостоли Кирил и Методиј несомнено вовеле разни промени во грчката црковна терминологија, која ја користеле. Затоа, зборовите од западно потекло не се во спротивност со потеклото на нивниот црковен јазик од Македонија“, пишува Мјечислав Малецки во студијата „Најстариот словенски книжевен јазик“. Со други зборови, Малецки го прогласува македонскиот јазик со своите дијалекти како најстар словенски книжевен јазик!
Малецки веродостојно ги забележува катастрофалните последици од
грчките удари врз македонскиот народ и македонските дијалекти во Егејска Македонија
Американскиот славист Пол М. Фостер Јуниор се надоврзува на Ватрослав Облак и Мјечислав Малецки и впечатливо ја сумира трагичната социолингвистичка и историска реалност на Македонците и македонските дијалекти во Егејска Македонија, а во прв ред огромниот и стравотен притисок врз богданската група дијалекти (од селата Сухо, Висока, Зарово и Негован): „долновардарските дијалекти настрадаа значително повеќе, особено во регионот околу градот Кукуш, каде што четириесет словенски села беа изгорени од грчката армија во 1913 година. … Бидејќи многу од селата во регионот беа уништени и никогаш повторно не беа населени, македонските дијалекти се зачувани само во лингвистичките и дијалектолошките атласи врз основа на истражувањата на искажувањата на бегалците од тие села и од достапните пишани извори… Некои македонски дијалекти на тие простори исчезнаа по 1.500 години откако постоеја. … Богданската група дијалекти (од селата Сухо, Висока, Зарово и Негован) се најдоа под огромен, стравотен притисок“ (Фостер Пол М., Јуниор: „Наследството на делото ‘Македонски студии’ на Ватрослав Облак‘ за македонските студии“, 1995).
Бугарија денес се пенави дека „македонскиот јазик ниту постои ниту има свои историски корени“, а Фостер посочува на 1.500-те години од постоењето на веќе уништените и исчезнати дијалекти на македонскиот јазик?!
По истражувањата на Ватрослав Облак во 1892 година, во 1933 година доаѓа и Малецки во истата област, Солунско, и како лингвист веродостојно ги забележува сите катастрофални последици од грчките геноцидни удари врз физичкото постоење на македонскиот народ и македонските дијалекти во Егејска Македонија. Оттука произлегува бесценетата важност на македонистичкото дело на Малецки за македонскиот народ и македонскиот јазик воопшто. Покрај тоа што ги прогласува македонските дијалекти говорени во околината на Солун како „основа на најстариот словенски книжевен јазик“, во споменатата студија, објавена во 1947 година, Малецки уточнува врз основа на една задлабочена научна анализа и дека постојат, од една страна, македонски дијалекти со свои зборовни (лексички), фонетско-фонолошки и други карактеристики и, од друга страна, западнобугарски дијалекти и источнобугарски дијалекти со свои сопствени зборовни (лексички), фонетско-фонолошки и други карактеристики, различни од карактеристиките на македонските дијалекти.
Во тој контекст Малецки дополнува: „А. Лескин, чиј ‘Прирачник за стариот бугарски јазик’ (‘Handbuch der altbulgarischen Sprache’) информирал цели генерации слависти, го популаризирал терминот ‘стар бугарски јазик’, сакајќи со тоа да го нагласи бугарско-македонскиот карактер на јазикот. Но, бидејќи основата на денешниот бугарски јазик е дијалектот на источна Бугарија (источно од реката Искиер), а не македонскиот дијалект, тешко е да се нарече овој термин дека е точен, особено затоа што можеби подобро би одговарал на начинот на зборување на несловенските Бугари од периодот пред нивната словенизација и распаѓање во словенската маса.“
Македонските дијалекти не се ниту српски ниту бугарски
Значи и овој знаменит полски лингвист го посочува фактот дека пред нивното доаѓање во Балканот, Бугарите како несловенски народ говореле свој јазик, различен од словенскиот и оти потоа следувал периодот на нивната словенизација и утопување во словенската маса. Овие ставови на Малецки во значителна мера се и поткрепа и потврда на научните истражувања и согледувања на авторот на овој текст дека од јазично-етнички аспект ситуацијата е тотално обратна од она што денес го тврди официјална Софија: Бугарите како несловенски народ по своето доаѓање во Балканот и на територијата на Македонија се словенизирале и се македонизирале, преземајќи го главно како свој говор македонскиот јазик, потоа во наредните векови означувајќи го како „бугарски“, со навистина дополнително развиени нивни јазични белези. Не само што се фалсификати, туку се будалаштини од највисок ранг тврдењата на официјална Софија дека Македонците говорат бугарски јазик, оти македонскиот јазик има бугарски корени! Бугарската копија му го негира постоењето на македонскиот оригинал!
Како еден од првите македонски дијалектолози, Малецки кога ги посетил во 1933 година селата Суха и Висока, на околу 10 километри оддалечени од Солун, утврдил и дека „голем број од населението не се идентификувало себеси како Бугари, ниту го знаел грчкиот јазик“. Потпирајќи се врз Облак и трудови од други автори од областа на македонската дијалектологија, Малецки констатира дека македонските дијалекти претставуваат поединечен дијалектен тип што може да се нарече македонски јазик.
– Во однос на прашањето дали македонските дијалекти се српски или бугарски, би одговорил дека тие не се во целост ниту српски ниту бугарски, но дека повеќето од нив му припаѓаат на поединечен дијалект што може да се нарече македонски јазик – констатира овој полски македонист и дијалектолог во својата научна студија „За прашањата на македонската дијалектологија“ („Z zagadnień dialektologii macedońskiej“), објавена во 1938 година.
Резултатите од интензивните истражувања на Малецки во Егејска Македонија, денес во Грција, се неколку расправи и две книги: „Два македонски говора. Сухо и Висока во Солунско“ („Dwie gwary macedonskie. Sucho i Wysoka w Solunskiem“) и „Текстови од говорите во Костурско“ („Tekst gwarowu z Kosturskiego“). Тие се објавени во Краков, во 1934 година, со паралелни приложени и автентични македонски дијалектни записи од Сухо и Висока, но и од Костурско, произлезени од разговорите со месното македонско население. Во Краков во 1936 година Малецки објавил и речник на тие говори.
Мјечислав Малецки е роден на 14 јули 1903 година. Во периодот 1923–1927 година студирал полска филологија, словенска филологија и романтични студии на Јагелонскиот универзитет. Студиите ги завршил на универзитетите во Белград, Љубљана, Софија и Загреб. Во јануари 1929 година бил избран како соработник на Јазичната комисија на Полската академија на знаењето од Краков. Од февруари 1935 година бил вработен на Јагелонскиот универзитет, каде што од 1 октомври 1937 година раководел со одделот за јужнословенска филологија, создаден специјално за него. На 6 ноември 1939 година бил уапсен од нацистите како дел од акцијата „Сондерактион Кракау“. Бил затворен во Краков, Вроцлав и во концентрационите логори Заксенхаузен и Дахау. Ослободен во декември 1941 година, тој се вратил во Краков и продолжил да работи во Јагелонскиот универзитет како професор по словенска дијалектологија. Бил и директор на Институтот за славистика на Јагелонскиот универзитет. Во јули 1945 година бил избран како член на Полската академија на знаењето од Краков. Се занимавал со историската граматика на словенските јазици. Напишал над 80 дела, покрај кои и осум книги, вклучувајќи и Лингвистичкиот атлас на полската Поткарпатија, за полскиот јазик јужно од Карпатите (1934).
Малецки умрел на 3 септември 1946 година. Денес во Полска, во градот Краков, во подножјето на Могилата Кошќушко, во Цвиержињец, е именувана една улица по неговото име Мјечислав Малецки. Дали ќе може некој од сегашниве кандидати за градоначалници на Скопје, Битола, Тетово или другите градови во Македонија да поведе и да реализира иницијатива една улица и кај нас да го понесе името на овој голем Полјак, кој толку многу нѐ задолжи со своето научно творештво, посветено токму нам и на нашата „јазична татковина“, на македонскиот јазик? Ќе биде ли неможно на некој од амфитеатрите на Институтот за македонски јазик во Скопје или на домашните филолошки факултети да им се стави на влезните врати име и табла „Мјечислав Малецки“, во кои и се предава за неговите македонистички истражувања?
Свето Тоевски