Бурата што се крена во Европскиот парламент (ЕП) околу гласањето за извештајот за Македонија е повеќе од аларм
Дипломатски извори наведуваат дека креативните решенија што неодамна ги спомна еврокомесарката за безбедност и надворешна политика Каја Калас за време на посетата на Скопје, всушност можеби се однесуваат на „планот на Брисел да претстави некаква дипломатска победа на нашата земја, со поминувањето на извештајот во ЕП во кој се споменуваат македонскиот идентитет и јазик, за потоа Скопје покомотно и поопуштено да се соочи со поголемите барања што ќе мора да ги исполни на патот кон ЕУ“
Не стивнуваат реакциите по неодамнешното изгласување на извештајот за напредокот на Македонија во Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент, но она што е заедничка констатација на сите, тоа е дека ова е само една победа на долгиот европски пат врз кој се распослани уште многу предизвици.
Добро информирани дипломатски извори од Брисел за „Нова Македонија“ посочуваат дека е извесно оти извештајот за напредокот на Македонија ќе го добие потребното мнозинство и на претстојната пленарна седница на Европскиот парламент, закажана за дваесетина дена, што ќе биде еден вид „стимулација земјава да ги направи уставните измени“.
Дипломатите предупредуваат дека Европа ќе ѝ даде некаква утешителна награда на Македонија за да може таа потоа да влезе, според нашите соговорници, „во замката на нови и нови барања, кои на крајот може да резултираат со целосно преобликување на карактерот на македонската држава, на нацијата, јазикот и историјата“.
Истите дипломатски извори наведуваат дека креативните решенија што неодамна ги спомна еврокомесарката за безбедност и надворешна политика Каја Калас за време на посетата на Скопје, всушност, можеби се однесуваат на планот на Брисел да претстави некаква дипломатска победа на земјава со поминувањето на извештајот во ЕП во кој се споменуваат македонскиот идентитет и јазик, за потоа таа да биде соочена со поголемите барања што ќе мора да ги исполни на патот кон ЕУ.
Либерална Европа ќе даде нешто, но за возврат ќе побара многу повеќе
Дека работите одат во таа насока може да се прочита меѓу редови во изјавата што неодамна ја даде Томас Вајц за „360 степени“, во која јасно посочи дека по успехот во Европскиот парламент, следен чекор е Македонија да пристапи кон промена на Уставот.
– Мислам дека (гласањето во АФЕТ) покажува јасна волја и поддршка од Европскиот парламент за пристапниот процес, но се работи за процес заснован на заслуги, така што реформи се неопходни, уставни измени се неопходни, кои можеби нема да се последни. Сите наши држави правеа уставни измени за да можат да се придружат на ЕУ, на заедничкиот пазар, заедничкото европско право… Ова е многу нормален процес и, да, С. Македонија треба да ги направи следните чекори, да направи уставни измени за конечно да започнеме вистински преговори – рече Вајц.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, во интервју за бугарските медиуми, го кажува токму тоа, дека Македонија можеби ќе добие некаква мала отстапка од ЕП, но ќе треба да направи многу повеќе потоа.
– Мицкоски нема да добие „бомбона“ (од ЕУ) додека ги омаловажува Бугарите. Многу е тажно што одлучи да оди во оваа насока. За Македонија да ги започне преговорите, Бугарите мора да бидат вклучени во сите делови од Уставот – не само во преамбулата.
За време на преговарачкиот процес Европската комисија мора да го оцени напредокот во спроведувањето на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија и протоколите кон него. Овие протоколи ги вклучуваат сите наведени поединечни елементи – борбата против говорот на омраза, недискриминацијата на граѓаните на Република С. Македонија што отворено го декларираат својот бугарски идентитет, промените во учебниците, отстранувањето на таканаречените „споменици“ што водат кон омраза, каде што на десетици, ако не и на стотици места пишува „бугарски фашистички окупатор“ и сите овие елементи на комунистичкиот режим на поранешната Југославија предводена од Тито. Тоа се основни човекови права. Ако се чувствувате како Бугарин – да не бидете загрозени, да имате еднакви можности за кариерен развој, да можете да аплицирате за државна служба, да имате Бугари во администрацијата – било да е тоа во локалната, државната администрација, во обвинителството, во полицијата, наставниците. Во извештајот конкретно се споменува бугарската заедница – истакна Ковачев.
Македонија да се води од сопствената стратегија и интерес во евроинтеграциите
Познавачите на европските состојби и релации сметаат дека се крева преголема врева за работа што во ЕП треба да биде нормална годишна активност, оценка на подготвеноста на една земја кандидат, што за нив е сигнал дека можеби нешто друго се подготвува.
– Македонија бараше гаранции од некаква европска институција за македонскиот идентитет и јазик, па сега интервенциите во извештајот за напредокот на земјава каде што се наведува македонскиот идентитет и јазик можеби би биле во таа насока. Тоа ќе се изгласа во ЕП, во меѓувреме бугарските европратеници ќе реагираат жестоко, како што реагираа, за да можат пред домашната јавност да прикажат борба и да не дојде до нова политичка криза во земјата иницирана од бугарскиот сензибилитет кон македонското прашање, за на крајот Македонија да испадне како некаков морален победник. Потоа простор за маневар нема да има, мора да пристапи кон уставни измени бидејќи ЕУ јасно ќе ѝ стави до знаење дека ѝ ги дала бараните гаранции. Штом ќе ги внесе Бугарите во Уставот, тогаш Бугарија ќе добие отворен пристап за реализација на сите барања понатаму што се содржат во преговарачката рамка и во протоколите, а кои се целосно усогласени со истите оние барања содржани во Декларацијата усвоена од Народното собрание во 2019 година. Со други зборови, Македонија влегува во бугарската замка преку европска врата – предупредуваат аналитичарите.
Според нив, земјава досега добро парираше со инсистирањето да пристапува кон ЕУ според европските критериуми што впрочем ги одредила самата Европа, на што Брисел немаше контрааргументи.
– Ние треба да продолжиме по нашиот пат кон ЕУ, за да ја заокружиме и втората стратешка цел. Таа една победа треба да значи наше отрезнување, да бидеме свесни дека дури и да ги направиме уставните измени, ќе има нови и нови пречки, кои во најголем дел ќе се однесуваат на идентитетски и јазични прашања, со една и единствена цел, целосно да нѐ деноминираат како народ. Не е потребно да внесуваме триумфализам во успесите во некои чекори што сме ги направиле, туку триумфализмот да го чуваме за крај, кога ќе влеземе во ЕУ со заштитен македонски идентитет и јазик, горди, а не понижени и навредени. Затоа мора да продолжиме да инсистираме на Копенхашките критериуми, да си ја туркаме нашата стратегија за пристапување во ЕУ, без да дозволуваме да ни се прави нова вивисекција на нашиот идентитет. На извештајот за напредокот на државата треба да гледа како на документ што ги утврдува реалните состојби во делот на евроинтеграциите, но очигледно некој го користи како мамка, особено кога се работи за длабоки интервенции во Уставот, кои утре целосно може да го променат карактерот на Македонија како држава на македонскиот народ. Ако македонскиот народ остане без матична држава и не биде повеќе државотворен, тогаш Македонија ќе влезе во ЕУ само како територија, а тоа не е никаков успех, туку напротив – заклучуваат аналитичарите.