Системот за осигурување квалитет на социјалните услуги не е само административен инструмент, туку е и механизам за градење доверба меѓу државата и граѓанинот, доверба дека секој поединец – дете, возрасен, лице со попреченост, семејство во криза, ќе добие навремена, стручна, достпана и достоинствена поддршка, рече денеска министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани кој заедно со евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас го означи почетокот на проектот „Поддршка на системот за обезбедување квалитет на социјалните услуги во Република Северна Македонија“.
Проектот е финансиран од ЕУ, а има за цел да поддржи изградба на функционален, транспарентен и ефективен систем за социјални услуги достапни за сите граѓани, особено за ранливите категории.
Следните 24 месеци проектот ќе се спроведува низ целата држава, преку активности насочени кон институционално зајакнување, развој на стандарди и индикатори, нови методологии за лиценцирање и обуки за професионалци.
-Министерството како носител на политиките во областа на социјалната заштита, демографијата и младите ја препознава потребата од цврст и одржлив систем кој не само што ќе обезбедува социјални услуги, туку и ќе гарантира нивен континуиран квалитет – истакна Лимани во обраќањето.
Проектот, додаде, предвидува развој на стандардизирани методологии за следење и евалуација на квалитетот, инструменти за самоевалуација на давателите на услуги, јакнење на професионалните капацитети на социјалните работници, воспитувачи, координатори и сите вклучени во синџирот на поддршка и активно вклучување на корисниците како партнери во процесот на проценка.
-Ова е процес што ја менува културата на системот – од реактивна кон проактивна. Тоа значи дека нема да чекаме проблемите да се појават за да реагираме. Напротив, ќе градиме услуги што ќе ги предвидуваат потребите, ќе спречуваат маргинализација и ќе овозможуваат еднакви шанси за сите- порача Лимани.
Тој изрази благодарност до сите партнери и поддржувачи – домашни и меѓународни, и како што посочи „ сите оние кои веруваат во потенцијалот на нашето општество и вложуваат во неговата социјална трансформација.“
-Ако сакаме да изградиме општество со силни вредности, мора да се грижиме за секој поединец – доследно, одговорно, човечки. Нека овој проект биде пример како заедно можеме да правиме суштински промени- порача Лимани.
Според евроамбасадорот Рокас, проектот е дизајниран да донесе вистински промени во општеството, особено на лицата на кои тоа им е потребно. Оваа реформа на дологорчен план бара иневстиции во професионален развој на персоналот и соработка меѓу сите сектори. Неопходна е и поголема коориднација меѓу институциите, владиниот и невладиниот сектор.
-Лицата кои ги користат овие услуги мора да имат збор, да креираме поинклузивно, поправедно и поотпорно општество. Сите сме свесни дека социјалната поддршка е основата на ЕУ. Ова не е само уште еден технички проект, ниту станува збор за политики. Пред се се работи за луѓе, за нивното достоинство, за правичноста и нивната вклученост. Проектот ја рефлектира нашата заедничка заложба оние лица што се соочуваат со сериозни проблеми поради болест, сиромаштија и други проблеми, да ја добијат потребната поддршка. Неопходен е добро кооридниран опсег на услуги. Главниот проблем овде не е само достапноста на услугите, туку и квалитетот. Овој проект ги следи принципите на ЕУ. Сакаме да дојдеме до лицата кои имаат потреба од социјални услуги на ефикасни начини, приспособени кон нивните потреби, да бидеме сигурни дека никој нема да биде одбиен и дека секој ќе добие поддршка независно од средината од која доаѓа- потенцира Рокас и додаде дека за реализацијата на предвидените цели ресорното Министерство и општините ќе треба да развиваат локални планови.