Македонија се доближува до европскиот просек во производството на електрична енергија од обновливи извори, покажуваат последните проценки на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Иако сè уште нема официјални податоци за 2025 година, се очекува раст од 12 до 15 проценти во однос на 2024 година, кога 41,03 отсто од вкупно произведената струја потекнувала од обновливи извори.
Најголем удел во домашното производство имаат фотоволтаичните централи, по што следуваат хидроцентралите, малите хидроцентрали и ветерните електрани. Во структурата на вкупното производство, термоцентралите учествуваат со 38,43 проценти, ТЕ-ТО со 20,54 проценти, фотоволтаиците со 18,08, хидроцентралите со 13,91, малите хидроцентрали со 5,02 и ветерните со 3,16 проценти.
Според податоците на Еуростат, во Европската Унија лани 47,3 проценти од електричната енергија биле произведени од обновливи извори. Најголем удел има ветерната енергија со 37,5 проценти, следуваат сончевата со 27,5 и хидроенергијата со 25,9 проценти.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во Македонија учеството на обновливите извори во бруто-производството на електрична енергија во 2024 година изнесувало 39,4 проценти, додека во вкупната потрошувачка било 35,4 проценти.

































