Државноправните документи и симболи на Македонија /Од Разлог и Кресна, преку Крушево, па до АСНОМ/
Корисно е да направиме еден историски преглед на историското, политичкото и културното наследство што ни е оставено од нашите предци во аманет и на чување. Од времето на Разловечкото востание и подоцнежното Македонско востание, како израз и средства на државно-национални концепции и национални програми, ги имаме: востаничкото знаме на Разловечкото востание, Пијанечката привремена управа, устројството на македонското востание од 1878 година, печатот на началникот на штабот на востанието, воените правила на Македонскиот востанички комитет од 1879 година, Уставот на Македонскиот востанички комитет од 1878 година, печатот на привремената влада на Македонија и на командантот на македонската војска од 1880 година, како и Манифестот на Крушевската Република од времето на Илинден 1903-та.
Во годините што идат следува Втората светска војна во која Македонија е поробена и окупирана од германскиот, италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор. Македонскиот народ се организира и ја изведува славната НОВ/НОБ, а при крајот на војната се одржува државотворното прво заседание на АСНОМ.
Какво е значењето на Првото заседание на АСНОМ во однос на македонската државност и идентитет?
Доколку се цели целосно да биде разбрано значењето на АСНОМ во однос на македонската државност и идентитет, најпрвин треба да се потенцираат најбитните моменти за НОБ/НОВ, како предвестие на АВНОЈ и АСНОМ се: Македонија е нападната од фашистички и нацистичките сили на 6 април 1941 година и е окупирана од германските, италијанските и бугарските војски; Организирање антифашистички отпор и Народноослободителна борба; Формирање на Скопскиот, Прилепскиот, Кумановскиот и другите партизански одреди; Проглас на ЦК на СКЈ од јули 1943 година; одлуките на второто заседание на АВНОЈ, 29 ноември 1943 година; Главен штаб на НОВ и на ПОМ; одбори и организации на народниот фронт; Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ; Првото заседание на АСНОМ, со сите државотворни одлуки, 2 август 1944 година; Президиум на АСНОМ; Декларација за правата на граѓанинот на демократска Македонија, 2 август 1944 година; Второ заседание на АСНОМ, 30 декември 1944 година; Третото заседание на АСНОМ, 14-16 април 1945 година (поделба на законодавна и извршна власт; избор на првата Народна влада на Република Македонија; прераснување на АСНОМ во Народно собрание на Федеративна Македонија; донесување на повеќе законодавни решенија. Сите овие државотворни симболи и акти се темелот т.е. основата врз која се надградени државотворните акти на АСНОМ од 2 август 1944-та. Од девет одлуки и решенија што се усвоени на АСНОМ, пет се административни, а четири се апсолутно државотворни и ги здружуваат идентитетот и суверенитетот на Македонија.
Исто така, треба да се нагласи дека во случајот на Македонија асномската филозофија го формализира спојот на идентитетот и суверенитетот. АСНОМ сите го гледаат историски – како заседание на кое се конституира и прогласи македонската држава. АСНОМ има и една национално-политичка филозофија. Покрај народноослободителен и антифашистички карактер, ова заседание има и граѓанско-демократски карактер (Димитар Мирчев).
Во овие одлуки и решенија се содржи вистинската филозофија и идеологија на АСНОМ: македонска држава со свои државни органи, македонски јазик, македонски државен празник – Илинден. Многу битна е Декларацијата за основните права на граѓаните на Македонија, која е темел на идниот поредок на Македонија – правото на здружување и правото на приватна сопственост. (Краток, јасен, концизен, разбирлив стил, напишан од Владимир Полежиновски според урнекот на Француската декларација за правата на човекот и Американската декларација за независност).
Благодарејќи на созревањето на националната свест и на епската борба на нашиот народ, создадовме три републики: Крушевската во август 1903, која беше краткотрајна, ама извонредно инспиративна; асномската, која траеше од август 1944 до август 1991, која беше „првата по Самуила слободна држава“ држава на македонскиот народ; и третата република е денешната, осмосептемвриската од 1991 кога за првпат станавме самостојна, независна и суверена држава – Република Македонија.
Како треба да ги читаме државотворните документи на Македонија?
Тука и сега мораме да се запрашаме дали ние во изминативе 82 години автентично сме ги прочитале и протолкувале овие фундаментални документи, кои се однесуваат на политичко-економското устројство на првата независна држава? Или, пак, нив сме ги читале контекстуално, а понекогаш и површно и често без егзактна категоризација и семантичка анализа на изворниот текст. Едно треба да знаеме, а тоа е дека историските текстови се документи што мора да се читаат како што се напишани. Не смееме да правиме идеолошки читања и разноразни погрешни и искривени толкувања, како што сега го прават тоа одредени странски недобронамерници и домашни марионети и петтоколонаши.
Треба да бидеме свесни и да знаеме дека главните протагонисти на ова државотворно заседание секогаш кога зборуваат за „првата по Самуила слободна, независна и обединета Македонија“, го откриваат македонскиот историски континуитет. За сите нив „АСНОМ не се јавува случајно“. Напротив, тој е резултат на „најважните борби во историјата на македонскиот народ“. Тој резултат е последица на органско обединување со сите претходни македонски поколенија. За нив новата македонска држава е во неразделен континуитет со илинденската епопеја и Крушевската Република. И не само со нив туку и со Самуиловата држава. За сите асномци, современици и учесници во славната и победоносна НОБ/НОВ. Асномската држава е изградена врз нивните темели. Во новата држава се во „идеална дружба старите илинденци, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Сандански, и денешните илинденци“, и дека таа борба е „во темелите на денешната македонска држава“.
Овие неколку генерации Македонци, кои во овој растегна период во два века, ги започнаа борбите за македонската државност (идентитет, јазик, култура), изникнати, проникнати и вткаени во името на земјата и територијата што со векови ја населуваа нивните предци – МАКЕДОНИЈА – чувствувајќи се како МАКЕДОНЦИ, се поврзуваа (преку симболи – лав, сонцето од Кутлеш, знамиња со пароли – содржани во напреднаведените документи) со светлата историја и вековните традиции на државата на Самуил, во средновековието, и старата македонска држава од времето на Филип Втори и на Александар Трети.
Сотир Костов