Дел од групата Солунски атентатори

Македонските синови херои се македонската Масада Тврдина, бедем и штит на Македонија/

Сите ние сме Македонија.Македонија не постои надвор од нас самите

Во историјата на народите на планетава има такви херојски настани што со својата емоционална и морална сила прераснале во национални митови. Тие митови за големата жртва на хероите произлезени од народот станале светилници на националната кауза сѐ до создавањето национална држава. Ваков херојски подвиг уште од стариот век е оној на Леонида и Спартанците кога испогинаа кај Термопилите бранејќи ја татковината од персиската инвазија. Големата жртва на Зилотите, кои се дигнаа против римското ропство на Израилот и испогинаа на упориштето Масада каде што овие херои ја бранеа својата татковина од непријателот, стана мит што со векови ја одржуваше идејата за израелската држава. Дури и кај оние нации од новиот свет како американската има херојски национален мит што го вообличуваше нивниот патриотизам со чинот на големата жртва на бранителите на Аламо пред непријателот. Митот за американскиот херој Дејви Крокет е производ токму на овој драматичен историски момент.
На почетокот на 20 век во Македонија е создаден националниот мит за саможртвата на гемиџиите, како солунски динамиташи и атентатори, за хероизмот на востаниците од Илинденското востание во кое круцијален момент е саможртвата на бранителите на Крушево кај Мечкин Камен под команда на војводата Питу Гули, за хероизмот на македонските синови загинати кај Ножот, голготата на последниот гемиџија Павел Шатев и многу други.
Овие херојски чинови се есенцијата на македонското револуционерно и востаничко минато. Тоа е тој непоништлив и вековен ПРОСТУМ. Тој инспирира, дава сила, обврзува. Овие херојски жртви и многуте други од илинденската епопеја и славната и победничка НОВ, од 1941 до 1944 година, станаа парадигма за НЕПОКОР и митска мотивација за дејствување во насоката на создавање на македонската држава.
Но само што македонскиот народ помисли дека конечно ќе ги оствари своите креативни потенцијали во оваа демократска заедница, еве ти ги новите искушенија. Овој пат тие се и однадвор и однатре и работат на уништување на македонската држава и народ. На македонскиот народ му претстои драматична иднина, му претстои борба за својата слобода и достоинство, повторно.
Којзнае по кој пат треба да се соочиме со уништувачката закана, со бессовесноста на моќните и предавството на ситните марионети, кои се накотија како црви меѓу народот. Тоа се малодушни и малоумни одродници, кои клонат кон бесперспективна и срамна покорност, кон понизно прифаќање на диктатите. Тоа се МАКЕДОНСКИТЕ ЦРНИЛА. Црнила што сакаат да ги поништат простумните рефлексии на македонското национално битие. Тоа се препрочитувачите шмирглачи на славната македонска историја, суредувачите на новоговорот орвеловски и неговото вметнување во нашиот образовен систем, и прекројувачите на македонската географија и територија.

Поуките од минатото нека ни бидат чекори во иднина

Силите што ги реализираат овие срамни дејствија се домашни – домашни кукли и марионети. Рибари на нашите души, кои нѐ набедуваат на себепредавство. Сакаат да ни ги тетовираат душите. Да ни врежат лузни, социјални и историски за навек. Да се самоукинеме. Тоа е слепило, умствено слепило. Безумие. На креатури во нови одежди, со нови сурати, ама со стара, добро позната, зла намера. Против македонската држава, против македонската нација. Ни го одземаат суверенитетот на државата, ни го бербатат интегритетот на нацијата. Треба да бидеме на штрек! – злото доаѓа однатре. Однадвор само се легитимира. Со наговор и диктат на режисерите, кои, пак, се иноземни, туѓинци. Душегрижници и недобронамерници, кои не ѝ мислат добро на Македонија. Па го видовме тоа со Преспанскиот договор и Грците. Горчливо, болно искуство. Еве, по тој терк сега нѐ припремаат и за Бугарија и нејзините апсурдни барања во врска со сѐ што е наше, македонско. И пак велам, да бидеме на штрек! Сега треба да се покажеме како достојни наследници на Павел Шате,в кој одамна запиша: „Од поуките во минатото, учиме за чекорите во иднината“.
Не треба ова беззаконие и овие гадости ни малку да се толерираат. Не смееме да дозволиме да ни ја продаваат душата на сила и со подмолност. Кукавиците ќе побегнат во своите дупки и ќе треперат од страв таму, но народот македонски има синови и ќерки што нема да побегнат, туку херојски ќе ѝ се спротивстават на заканата. Па и да ја поднесат најголемата жртва. Со НЕПОКОР и ПРОСТУМ. Простумот македонски што треба да го предизвикаме, да се разбуди и востанички да крене глава.
Против црнилата. Против ОДРОДИТЕ.
За Македонија нема друг пат, освен да се соочи, со отворени очи и јасна мисла, со своите претходни и денешни црнила. Македонија мора да ги покаже и жигоса одродниците. Само така ќе го спречиме предавството на најсвоето, најсвето, најсветло – Име, Идентитет, Јазик, Култура, Традиција, Историја.
Доста со предавства на Македонија! Македонија што опстанала низ вековите, иако била и ништена и горена и корнета и ослепувана и на кол набивана и по сите белосветски прогонства и пустини прогонувана и пак одново никната, никната таму каде што дотрајале нејзините човечки ластари и каде што изнаоѓале во себеси сила и маштина одново МАКЕДОНСКИ ПРОСТУМ да заврзат.

Мораме да изнајдеме сили да се соочиме со вистината. Вистината, и кога е најгрда, најгорчлива, најболна, е насушно потребна, макар и преку болка, за да се отворат очите, да се разбуди мислата и по расонувањето, свеста и совеста да го отворат единствениот пат до спасот – преку НЕПОКОР и ПРОСТУМ до ОПСТОЈ. Така било со овој народ – со години, децении, векови и милениуми. Тој бил, е и ќе биде македонската Масада. Неосвоена тврдина, одбранбен и непробоен бедем.
А во него се светилниците на националната кауза: Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули, Јане Сандански…Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Павел Шатев… Методија Андонов-Ченто, Коста Солев Рацин, Кузман Јосифовски-Питу, Блаже Конески… Сите тие, и уште многу други, се вградени во темелите на македонската Тврдина – македонска Масада. Заедно и сплотено го сочинуваат македонскиот непробоен бедем. Како такви се заштитен штит на сѐ што е македонско – име, јазик, идентитет, суверенитет, историја, култура, традиција…
Сите овие синови македонски своите животи и умирања ги идентификуваа со една историја. Херојска историја. Македонска историја, преполна со херојства, во миговите кога таа борба не можеше да биде премолчена. Ниту пак негирана. Тоа беа хероите, официјално прогласени, но и официјално непрогласени – во едно херојско време на македонскиот народ. Тие со личен пример покажаа дека низ борбата се открива нов секогаш недоволно согледан свет околу себе и самиот себе во мигот, во утрешнината, во иднината. Тој нов свет е денешниот во кој ние живееме и ја славиме слободата што тие ни ја донесоа, го чествуваме нивното херојско дело и им се поклонуваме. Од нив сме заветувани да го чуваме тоа револуционерно азно и непроценливо борбено и слободарско наследство – слобода, самостојност, независност и државност на Македонија.
Затоа ние денес, не смееме ништо од ова да премолчуваме.
Тука и сега се присетуваме на народните херои на Македонија и нивниот хероизам. Знаеме, ама и другите да знаат: само молчењето е срамно! А негирањето на овие големи жртви и загубени млади животи, е апсурдно, мизерно и бедно. Затоа, на револуционерите и народните херои, славата да им биде вечна! А нам – нивната поука, пример и порака! Нивната жртва и нивниот хероизам да ги паметиме вечно.

Сотир Костов