фото: Емил Јовановиќ

Клубот за подводни дејности Охрид вчера во хотелот „Инекс Олгица“, организираше прослава по повод одбележување на 40-годишнината од постоењето (1985-2025) и третиот Конгрес на нуркачите на Македонија. Ова беше убава можност да се прикаже историјатот на постоењето на клубот и неговите активност низ минатите години, како и следните активности што му претстојат.
– Огромен е туристичкиот потенцијал на нуркањето. Гостин од Хрватска ни рече дека само 30-40% ни е искористен нуркачкиот туристички потенцијал кој го имаме, но сепак треба малку и државата и градот да учествуваат во афирмација на овие потенцијали. Ние сме подготвени да носиме и пречекуваме туристи нуркачи во секое време, а државата може да помогне во насока на поголема реклама и промоција на туристичките саеми. Убедливо топ локација за нуркање на Охридското Езеро е Трпејца. Има голема длабочина, а нашите нуркачи се спуштаат и до 80 метри со компримиран воздух. Исто така и Свети Наум е локација каде доаѓаат на нуркање многу странци. Не можат да веруваат што се има во Охрид. Бистрината и чистотата на езерото се подобри на пример и од Црногорското приморје, истакнува д-р Горан Балевски, претседател на Клубот за подводни дејности Охрид.
Во сите големи туристички центри нуркањето зазема едно од првите места во понудата на хотелите и туристичките водичи, вели Емил Јовановиќ од Клубот за подводни дејности Охрид.
– И во Охрид со тек на време ќе се валоризира нуркањето и овие напори што ги правиме сите овие години тоа да го заземе своето место и туристите да можат да видат што се нуди Охридското Езеро, бидејќи е уникатно и единствено. Ова што го имаме ние го нема никаде во светот, врсти на риби, сунѓери, полжави. Се тоа е уникатно и неможе на ниту едно друго место во светот да се види. Мора да се посвети внимание за поголема промоција на езерото и она што е во него – додава Јовановиќ.
Според информациите од клубот Охрид, на свеченоста биле доделени и благодарници и признанија.

Фото: Емил Јовановиќ