Фото: „Нова Македонија“

Владите на Македонија и Соединетите Американски Држави објавија Заедничка изјава по втората сесија на Стратешкиот дијалог, одржана во Вашингтон, предводена од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и заменик-државниот секретар Кристофер Ландау, пренесе МИА.

Со документот се потврдува заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерството, како и унапредување на мирот, безбедноста и економскиот развој.

Во изјавата се истакнува продлабочена соработка во повеќе клучни области, меѓу кои енергетиката, економијата, одбраната и безбедноста во рамки на НАТО, како и сајбер и дигиталната отпорност. Посебен фокус е ставен на диверзификација на енергетските извори, сигурноста во снабдувањето со гас и подобрување на инвестициската клима.

Двете земји ја нагласуваат и заедничката посветеност за јакнење на одбранбените капацитети и поддршката за Украина, како и развој на сајбер безбедноста преку техничка помош и зајакнување на институциите.

Во делот на безбедноста, се предвидува и засилена соработка во борбата против транснационалниот криминал и нелегалната миграција, како и унапредување на граничната безбедност со финансиска и техничка поддршка.

Дополнително, договорени се иницијативи за заштита на културното наследство и олеснување на мобилноста на граѓаните преку вклучување во програми за доверливи патници.

Од Министерството за надворешни работи оценуваат дека Стратешкиот дијалог претставува значаен чекор во зацврстувањето на односите меѓу двете земји и ја потврдува улогата на Северна Македонија како стабилен и кредибилен партнер на САД.