Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Народна Република Кина се сретна со заменик-министерот на Меѓународниот оддел на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, Чен Џоу, соопшти собраниската прес-служба.
Претседателката на Групата, Олга Лозановска, во воведното обраќање истакнала дека иако сме географски оддалечени, односите меѓу двете држави се пријателски и се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемно почитување.
– Нашата земја го афирмира ставот за постоење на „Една Кина”, Владата на НР Кина е единствената легитимна влада на кинескиот народ, а Тајван е недделив дел од кинеската територија – истакнала Лозановска.
Традиционалното формирање на оваа Група за соработка, е само показател на интересот за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски, кои ќе влијаат врз унапредување на севкупните политички, економски и културни односи меѓу двете држави.
Од своја страна, Чен Џоу ја споделил импресионираноста од првата посета на земјава. – Кина го почитува развојниот пат на вашата земја и ги разбира и поддржува вашите напори за интегрирање во ЕУ. Заложбите на земјите за „Една Кина” се темелни во градењето на сите односи со Кина – потенцирал Џоу.
Во соопштението е посочено дека соработката со законодавниот дом и партиите играат важна улога во градењето на билатералните односи и во таа насока радува фактот што во Групата за соработка членуваат пратеници од различни партии, но со ист став за зајакнато пријателство со Кина. Во овој контекст се напорите за идно проширување на пријателските размени на Комунистичката партија на Кина со политичките партии во земјава, почитувајќи ги меѓусебните разлики. Преку тие партиски канали и размена на искуства на сите нивоа, ќе се придонесе кон зајакнување на севкупните билатерални односи.
Членовите на Пратеничката група, Садик Сулејмани и Димитар Апасиев имаа можност да изразат чест од одржувањето на средбата. Сулејмани ги нагласил бизнис односите и можноста за нивно олеснување, додека Апасиев искажал пофални зборови за моделот на социјализмот со кинески карактеристики.
– Присутните беа согласни за продлабочување на меѓусебната соработка на повеќе полиња, како економија, трговија, енергетика, бизнис, инфраструктура…, но и засилени односи во образованието, размената на млади, туризмот. Двете земји покажуваат интерес за културата, а тоа се покажува и преку постоењето и популарноста на катедрите за македонски јазик на неколку кинески универзитети – се наведува во соопштението.
Од двете страни била изразена благодарност и до Амбасадата на Кина за континуираните заложби за унапредување на односите меѓу двете држави и традиционалното пријателство.