Република Северна Македонија, како и повеќето европски земји се изложени на зголемена миграција во рамките на процесот на глобализација и имајќи ги предвид миграциските текови и нивното влијание врз демографскиот и социо-економскиот развој, се обидуваме на систематски начин да се вклучиме во европскиот глобален пристап за справување со миграциите и нивните предизвици, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во онлајн обраќањето на состанокот на Европската мрежа за миграција.
– Во таа насока, задоволство ми е во овој момент да ја изразам подготвеноста на Република Северна Македонија за преземање на улогата на набљудувач во рамките на Европската миграциска мрежа – истакна Спасовски, потсетувајќи дека Македонија беше првата земја на удар од мигрантската криза во 2015-та година.
Сепак, како што истакна министерот, иако сме мала држава, со ограничени ресурси и капацитети, цврсто застанавме на браникот, успешно ја менаџиравме кризата и со тоа придонесовме за зачувувањето на благосостојбата не само на нашите граѓани, туку и на целото европско тло.
– Нашите заложби во тој момент, па би рекол и до денешен ден, се препознаени и истакнати, како од Европската Унија, така и од бројни меѓународни организации. Сепак, ние сме спремни, стоиме на располагање да го споделиме нашето искуство со Вас, сé со една и единствена цел – креирање на успешна миграциска политика, на ниво не само на Европската Унија, туку на ниво на целиот Европски континент – рече Спасовски.
Тој посочи дека земјава посветено работи и на изготвување на низа стратешки документи.
– Тука ќе ја споменам Резолуцијата за миграциска политика 2021-2026 со соодветен Акциски план, што претставува главен стратешки документ во областа на миграцијата. Исто така, изготвивме и Миграциски профил на Република Северна Македонија во кој се претставени релевантни статистички податоци за легалните и илегалните надворешни миграции и внатрешните миграции, како и нивна анализа врз основа на која се согледани трендовите во последната деценија. Уверен сум дека овие податоци ќе бидат од големо значење општо за целата миграциска слика во Европа, имајќи го предвид фактот дека Западен Балкан, посебно Република Северна Македонија има исклучително специфична положба кога станува збор за западнобалканската рута, нагласи Спасовски.
На крајот од состанокот, министерот Спасовски потенцираше дека барањето за приклучување кон Европската мрежа за миграција не претставува почеток на соработката, туку формализација на заедничкото работење, со оглед на тоа што веќе долго време се работи партнерски и се делат заеднички принципи, за кои говорат резултатите кои се постигнати.