Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски се сретна со Клеменс Која, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје.
На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, се изразени честитки до премиерот Ковачевски за мандатот. Притоа е разговарано за повеќе актуелни прашања, како што е претстојното претседавање на Република Македонија со ОБСЕ во 2023 година, предизвиците од војната во Украина, реформските процеси во државава, имплементацијата на препораките на ОБСЕ/ОДИХР околу изборите, прашањето околу евроинтеграциите.
На средбата е посочено дека Република Македонија е подготвена да го преземе претседавањето со ОБСЕ, при што е посочено и на подготовките што се прават во таа насока.
Во однос на реализацијата на реформите, заеднички е оценето дека е важно да има посветеност од страна на сите политички субјекти во земјава за сите важни прашања од полза на граѓаните и на државата.
Премиерот Ковачевски соопшти дека тој и Владата се целосно фокусирани кон надминувањето на предизвиците од војната во Украина, дека владината коалиција е стабилна, дека разговорите со премиерот Петков во Бугарија се поставени на ниво на конструктивност од двете страни, како и дека евроинтеграциите на земјава се важни за перспективите на граѓаните во земјава, како и за стабилноста на регионот и на ЕУ – информираат од владината прес-служба