Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи денес оствари средба со специјалниот пратеник на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич, на која биле разменети мислења за текот на преговорите со ЕУ и домашните процеси во овој контекст.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи, Пич ја повторил неопходноста од заокружување на уставните измени со цел трасирање на евроинтеграцискиот пат на земјава со забрзана динамика.
Министерот Османи се заблагодарил за конзистентната британска поддршка на овој план, дополнително подвлекувајќи го високиот степен на соработка меѓу двете земји сојузнички во рамки на НАТО.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи го запознал соговорникот со актуелностите во однос на нашето претседавање со ОБСЕ, реализираните и идните планирани активности низ призмата на утврдените приоритети, во кои Украина се истакнува како прв и врвен приоритет.
На средбата, како што посочуваат од МНР, станало збор и за регионалната динамика, при што соговорниците биле согласни дека Македонија е перцепирана како земја извозник на стабилност во регионот, меѓу другото и преку претседавањето со две важни регионални иницијативи оваа година, САД-Јадранската повелба (А5) и Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
Двајцата соговорници, како што соопшти МНР, го поздравиле напредокот постигнат во Брисел за нормализација на односите Косово-Србија, што претставува значаен чекор од интерес за целиот регион на Западен Балкан. Министерот Османи потенцирал дека Македонија, како директен сосед на двете земји, ги охрабрува сите решенија кои обезбедуваат стабилност и ЕУ перспектива за целиот регион