Фото: МИА

Го зајакнуваме присуството на „Виз Ер“ во Македонија со зголемување на флотата со шести авион во Скопје и 13 нови рути на нашата веќе широка мрежа, инвестирајќи истовремено во професионалниот развој на младата работна сила – вели Јожеф Варади, извршен директор на „Виз Ер“, во интервју за МИА.

Варади истакнува дека се создавааат можности за нови авиолинии, зголемување на фреквенциите на популарните дестинации, со поголем избор и флексибилност за патниците по ниски цени. Со шестиот авион посочува дека лансираат нови рути од Скопјe до Бари, Неапол, Будимпешта, Келн, Штутгарт, Ларнака, Мадрид, Прага и Стокхолм, како и четири нови рути од Охрид до Базел, Милано, Катовице, Вроцлав.

Македонскиот пазар го истакнува како еден од најважните во Западен Балкан, со Скопје како база за постојан раст.

-Со нудење опции за патување со ниски цени им олеснуваме на туристите да ја посетат Северна Македонија и да ги откријат нејзините природни убавини, култура и гостопримство – нагласува Варади.

Ги посочува придобивките од зголемување на приходите од туризмот, поттикнување на деловните врски, јакнење на интеграцијата на земјата со Европа, но и создавање нови локални работни места за кабински персонал, пилоти и инженери.

Варади и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера на прес-конференција во македонската Влада најавија уште пет авиолинии до Скопје и  до Охрид, зголемување на флотата со уште еден авион во базата на Меѓународниот Аеродром Скопје, како и уште 100 вработувања на кадри од државава во авиокомпанијата, покрај постојните 200.

Со најавените авиолинии, од идната летна сезона на летање која почнува на крајот од март следната година Меѓународниот Аеродром Скопје првпат ќе се поврзе со Неапол (Италија), а повторно се воведува дестинацијата Будимпешта (Унгарија).  Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид, пак, добива директни летови до Милано Малпенза (Италија) и Вроцлав (Полска), а ја враќа рутата до Катовице (Полска).

Летовите од Скопје до Неапол и до Будимпешта од скопскиот аеродром ќе стартуваат на 30 март 2026 година, а ќе се реализираат секој понеделник, среда и петок. Од охридскиот аеродром летовите до сите три дестинации ќе се одвиваат два пати неделно, до Милано Малпенза ќе стартуваат исто така на 30 март 2026 година, а додека за Вроцлав на 7 јуни и Катовице, на 8 јуни идната година.

Авиокомпанијата „Виз Ер„ корисник на субвенции од државава од 2012 година, годинава најави летови од двата аеродрома во државава и од Стокхолм и Мадрид, што ќе стартуваат од 2 ноември, од Келн, Бари и Прага од 20 декември, како и од Ларнака од 30 октомври.