Алфред Хејлс

Eксклузивно: Објава на австралискиот весник „Адвертајзер“ за македонските комити од 1904 година

Како австралискиот учесник во Илинденското востание Алфред Хејлс ја опиша македонската борба за слобода?

  • Македонија беше посетена и од Австралиецот Алфред Артур Гринвуд Хејлс, романописец, авантурист и воен дописник. Тој е автор на серија авантуристички романи, а во 1903 година учествува и во Илинденското востание, со што станува активен учесник во македонската борба за независност. Хејлс се смета за еден од најплодните австралиски раскажувачи и очевидци на политичките превирањата од почетокот на 20 век.
  • Душко Апостолски, соработник и дописник на весникот „Нова Македонија“ од Австралија, во архивите на Националната библиотека на Австралија пронајде особено интересно интервју на Алфред Хејлс за австралискиот весник „Адвертајзер“, објавено на 31 декември 1904 година. Хејлс во споменатиот текст говори за македонските востаници, македонското движење, востанието на Македонците против турското немирно владеење, македонските чети…

Душко Апостолски

Македонија кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век беше посетена од повеќемина странски дипломати, новинари и патници. Нивните пишувања и објави се историски артефакти што ни овозможуваат од прва рака да се запознаеме со македонскиот идентитет и култура, но и со политичката состојба на македонскиот народ што тогаш се наоѓаше под власта на Османлиската Империја, а балканските национализми имаа претензии врз Македонија. Нивните сведоштва се особено значајни ако се земе предвид дека станува збор за неутрални набљудувачи, кои ни ја прикажуваат реалната слика, но и како го обликуваа начинот на кој се гледало на Македонија и македонскиот народ во Европа, Русија, Соединетите Американски Држави или Австралија. Странските извори исто така ни даваат и дополнително светло за развојот на македонскиот патриотизам, како и за улогата на македонските револуционерни организации и нивното влијание врз значајните македонски настани како што е Илинденското востание. Душко Апостолски, соработник и дописник на весникот „Нова Македонија“ од Австралија, во архивите на Националната библиотека на Австралија пронајде особено интересно интервју на Алфред Хејлс за австралискиот весник „Адвертајзер“ (The Advertiser) објавено на 31 декември 1904 година. Хејлс во споменатиот текст говори за македонските бунтовници, македонски бунтовнички водач, македонското движење, востанието на Македонците против турското немирно владеење, македонските чети…

Странските пишувања се историски артефакти

Меѓу странците што ја посетиле Македонија може да се одвои Британката Едит Дарам, која ги опиша македонскиот живот и обичаи, но и ја симпатизираше македонската борба за слобода. Некои од овие странци, како што е Американецот Алберт Сониксен, се приклучија во редовите на македонското револуционерно движење и со своите пишувања нудат редок внатрешен поглед за македонските комити и чети. Интересни се и пишувањата на Лав Троцки, кој беше воен дописник за весникот „Киевска мисла“ за време на Балканските војни, во кои се нагласени и востанијата на Македонците, особено под знамето на Македонската револуционерна организација, како изрази на длабока желба за самостојност и ослободување на османлиската власт.

Македонија беше посетена и од Австралиецот Алфред Артур Гринвуд Хејлс, романописец, авантурист и воен дописник. Тој е автор на серија авантуристички романи, а во 1903 година учествува и во Илинденското востание, со што станува активен учесник во македонската борба за независност. Хејлс се смета за еден од најплодните австралиски раскажувачи и очевидци на политичките превирањата од почетокот на 20 век. Душко Апостолски, соработник и дописник на весникот „Нова Македонија“ од Австралија, во архивите на Националната библиотека на Австралија пронајде особено интересно интервју на Алфред Хејлс за австралискиот весник „Адвертајзер“ објавено на 31 декември 1904 година. Хејлс во споменатиот текст говори за македонските бунтовници, македонски бунтовнички водач, македонското движење, востанието на Македонците против турското немирно владеење, македонските чети итн.

Фотографија!

Споменатиот текст, кој е насловен како „Македонската борба, Хејлс како водач на бунтовниците и турските злосторства“, започнува со опис на една фотографија. Во воведот можеме да прочитаме: Фотографијата прикажува невообичаена група. Вооружени бунтовници, собрана околу чудно знаме, а во центарот се три мажи – нивните водачи. Мажите се облечени во облека од овча кожа, која достигнува скоро до колена, а волната е свртена навнатре за зимските кампањи. Имаат многу дебели парчиња груба кафеава ткаенина. На главите носат двојна капа – можат да го свртат овчото руно навнатре или нанадвор. Сандали од сурова кожа се врзани на нозете со ленти од истиот материјал, додека за да ги зајакнат нозете, нивните листови се завиткани со широко платно, давајќи потпора на нивните мускули. Навистина интересна фотографија“.

Во понатамошниот текст можеме да прочитаме дека на сликата се претставени „мажите што, откако ги виделе своите роднини – своите жени, ќерки и сè што им било драго, кои станале жртви на турските злосторства, се заколнале дека ќе се борат против султанските послушници сè додека последниот здив не им го одземе телото. Ова се некои од македонските бунтовници што сакаат да го отфрлат тешкиот турски јарем и да станат повторно слободни.“ Австралискиот новинар исто така вели дека на сликата може да се забележи и еден „стар новинар од Аделаида, господин А.Г. Хејлс, кој откако стекна светска слава како воен дописник и романописец, сега започнува една турнеја низ Австралија“.

Хејлс му ја покажал фотографијата на австралискиот новинар и објаснил дека е направена по повод положувањето заклетва на неговата чета во пресрет на тргнувањето во акција. Тој за своите двајца претпоставени говорел како за „величествени водачи“ и дека тие луѓе „можат да покријат повеќе територија од која било војска, цивилизирана или нецивилизирана, во широкиот свет“. Во понатамошниот дел можеме да прочитаме дека австралискиот новинар извлекол интересен извештај за деветмесечното искуство на Хејлс како „македонски бунтовнички водач“.

Со свои очи ги видел подготовките за востание на Македонците

Во понатамошниот дел од разговор со новинарот, Хејлс нагласил „дека во борбата на Македонците за слобода е поставен темелот за нов роман и оти тој добил дозвола од ’Дејли њуз’ да оди таму на негово лично барање“. Австралискиот авантурист и дописник вели дека во Софија заминал „за да го види со свои очи востанието на Македонците против турското немирно владеење.“

Хејлс исто така ги опишува и османлискиот терор врз цивилното македонско население, нагласувајќи: „Ме однесоа на местото на неколку ужасни злосторства, каде што турските трупи безобѕирно уништиле цели села, палејќи ги куќите, убивајќи ги и осакатувајќи ги мажите и оскрвнавувајќи ги жените. Сцената на ужасот и пустошот беше толку ужасна што ми зовре крвта. Моето британско чувство за правда се побуни поради ова и веднаш понудив да им се приклучам на македонските чети како обичен војник. Мојата понуда беше прифатена“.

Новинарот го запрашал Хејлс и за неговото искуство во македонските чети, на што тој одговорил дека го посетил бугарското селото Батак, кое било блиску до границата со Македонија, каде што се запознал со Тодор Попов, кој бил „поглавар на грчката црква во таа област“. Споменатата личност му раскажала за масакрот на 5.000 луѓе, а Хејлс исто така вели дека „таткото на Тодор Попов во тоа време бил глава на црквата и бил задолжен за целата ризница на Македонците, а исто така и на црквата“. Според Хејлс, не било чудно што овие луѓе се бунтуваат против турската власт, како и дека „сегашниот свештеник им се придружил на македонските востаници и е нивен водач во тој округ“.

Македонците се подготвуваат за уште едно востание

Во текот на разговорот новинарот запрашал и за коренот на македонското прашање, на што од Хејлс го добил следниот одговор: „Ќе ти кажам. Турчинот сака да го искорени христијанството во сите негови поседи, а Македонците се последните христијани под негова власт“. Австралискиот авантурист и дописник говори и за неговата средба со Атанас Јанков, за кого вели дека се борел „против Турците за Русите, против Србите за Бугарите, а сега се бори против Турците за Македонците“.

Хејлс пред новинарот соопштил и за неговите борби со османлиските сили како и дека помогнал да се дигне во воздух „една од турските тврдини. Турците ја изградиле тврдината во клисура, со река близу зад неа. Ова беше еден од најважните премини, бидејќи бегалците се обидуваа да поминат од вилаетите во Македонија преку границата во Бугарија, каде што ќе бидат безбедни, бидејќи Бугарија е независна држава“. Хејлс му покажал на австралискиот новинар и едно писмо од македонските револуционери, нагласувајќи дека „Македонците се подготвуваат за уште едно востание, но се многу изманипулирани од недостигот од средства“.

Хејлс во понатамошниот разговор предложил да се организираат повеќе предавања во австралиските градови во полаза на „македонскиот воен фонд“. Според пишувањата на новинарот, Хејлс е „нетрпелив да се формира комитет од свештеници што ќе се грижи за средствата. Тој смета дека свештениците треба да се заинтересираат за каузата на Македонците“. Хејлс исто така му покажал и голем број интересни фотографии поврзани со неговата македонска кампања и му кажал дека тие ќе бидат искористени за илустрација на предавањата што ќе бидат одржи на 3 и 4 јануари 1905 година.