Револуционерните дејства го отворија македонското прашање: Александар „Алеко“ Василев, познат како Алеко Паша

Историски настани, личности и датуми за паметење: Сто години од претставувањето на македонската национална кауза во весникот „Сушачки лист“

  • Весникот „Сушачки нови лист“ во изданието од 30 септември 1925 година пишува: Може ли да се негира фактот дека македонскиот комитет и дејствувањето на комитетот се предводени и составени од староседелци на нашата Македонија, македонски емигранти, кои не сакаат да бидат Срби и кои се воодушевуваат за некаква македонска народност, кога гледаат дека Македонија не може и нема да биде бугарска!

По Првата светска војна, македонските политички и револуционерни кругови се обединуваат околу лозунгот независна Македонија, што е особено видливо од Мајскиот манифест од 1924 година. Македонските чети и војводи ја возобновуваат оружената борба и на тој начин горливото македонско прашање повторно е отворено. За овие настани се интересни пишувањата на новинарот Алберт Лондр, кој вели дека во Бугарија се оформила „организација што суверено владее со еден дел од државата“, а на бугарската влада не ѝ дозволува да води ни внатрешна ни надворешна политика. Во однос на националниот став на македонските револуционери во овој период, за истакнување е и пишувањето на весникот „Сушачки нови лист“, кој јасно пишува дека Македонците имале одделна национална кауза.

Обесправеноста ја возобнови македонската борба за слобода

По Балканските војни и Првата светска војна, македонското прашање и понатаму остана еден од најгорливите политички проблеми на Балканскиот Полуостров. Моќните политички играчи, како што се Велика Британија, Германија или Русија, непосредно пред Првата балканска војна одлучија Македонија да биде поделена помеѓу балканските држави – Србија, Бугарија и Грција. Оваа нивна одлука се должи на одредени геополитички причини и надеж дека политичката поделба на Македонија засекогаш ќе го затвори македонското прашање, кое со децении ги потресуваше европската политичка елита и јавност.
– Но оваа одлука беше ад хок, бидејќи не ја реши суштинската проблематика на македонското прашање, односно македонскиот народ и понатаму остана политички и национално обесправен, сега во рамките на балканските држави како што беше новоформираната држава Југославија или Царството Бугарија – велат нашите соговорници.
Поделбата на Македонија предизвика морален крах и разочарување во македонските политички, национални и револуционерни кругови што се стремеа кон оформување на Македонија како одделна држава. Меѓутоа, во почетокот на втората деценија на 20 век македонските револуционерни и политички кругови ја возобновија македонската борба за слобода преку политичка пропаганда и оружени средства, нешто што предизвика нова нестабилност на Балканот.
– Паралелно се водеа два процеса. Најпрво македонските револуционери во пиринскиот крај создадоа неформална држава, која се оформи како главна база за продолжување на македонската борба. Вториот процес се состоеше од возобновување на четничкиот институт, односно од организирање и препраќање вооружени чети во Југославија и Грција, кои требаше да ја продолжат борбата со југословенските и грчките власти – посочуваат нашите соговорници.

Организацијата суверено владее со еден дел од државата, а на уставната влада не ѝ дозволува да води ни внатрешна ни надворешна политика!

За овие настани особено се интересни и пишувањата на новинарот Алберт Лондр, кој вели дека „одвај четириесет и осум часа со воз од лионската железничка станица во Париз, постои една организација што е посилна од државата на чија територија дејствувала“, како и дека таа „организација има свои закони, свој весник, своја полиција и свое судство. Таа собира даноци, прима пари од странство“.
– Таа страшна организација суверено владее со еден дел од државата, а на уставната влада не ѝ дозволува да води ни внатрешна ни надворешна политика што не им конвенира на сфаќањата на организацијата. Така, таа ја присилува Југославија да постави плетена жица на својата граница и караули по планинските врвови на источната граница и да ги држи под стража железничките пруги и мостови, како да е во војна. Ете, такви работи извршува Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) – пишува Алберт Лондр.

Македонското прашање им создавало главоболки и на југословенските политичари

Македонските револуционерни со своите дејства повторно го отворија македонското прашање, прашање што Лондон или Париз сметаа дека е затворено. Македонските чети и војводи што ја минуваа границата станаа реален проблем за новата југословенска држава, нешто што со внимание се следеше од тогашните југословенски весници.
За главоболките на југословенските политичари пишуваше и весникот „Сушачки нови лист“, кој на 30 септември 1925 година објави еден интересен напис. Во споменатиот текст се пренесуваат одредени политички ставови на Стјепан Радиќ, југословенски политичар од хрватска народност, основач на Хрватската народна селанска партија (ХПСП), како што се неговите погледи за руските бегалци и нивната материјална безбедност во Југославија или прашањето за Ерменија и Лигата на народите.
„Сушачки нови лист“ исто така пренесува дека се кренала и голема врева поради искажувањата на Радиќ пред Женевскиот комитет за националните малцинства и неговите изјави за македонското прашање. Споменатиот весник го пренесува и дека според една, најзлонамерна верзија, господин Радиќ ги кажал овие зборови: „Македонија е нашата беда; Македонците сè уште не одлучиле дали се Срби, Македонци или Бугари“.
– Познато е дека нашите односи со Бугарија… веќе во неколку наврати, дојдоа во криза, токму поради ова прашање на македонските комити. Како што можете да видите, Јужна Србија е навистина нашата најголема грижа и мака, а самите српски државници, политичари, новинари и администратори јавно го истакнаа тоа стопати – може да се прочита во написот објавен од „Сушачки нови лист“.
Југословенскиот весник застапува одредени српски тези за Македонија, а ова е особено забележливо во пишувањето дека „долгогодишната бугарска пропаганда, фаворизирана од Турците додека Македонија сè уште беше составен дел од Турската Империја, имаше одреден успех во Македонија“, како и дека таа е „српска земја во целата своја национална историја, традиција, народна песна, обичаи, културно-историски споменици итн.“ Но понатаму во написот можеме да го прочитаме и следното: „Може ли да се негира фактот дека македонскиот комитет и дејствувањето на комитетот се предводени и составени од староседелци на нашата Македонија, македонски емигранти, кои не сакаат да бидат Срби и кои се воодушевуваат за некаква македонска народност, кога гледаат дека Македонија не може и нема да биде бугарска?“
Пишувањето на весникот „Сушачки нови лист“ е јасна потврда дека македонското револуционерно движење имало цврсти политички и национални определби, односно политичко и национално одделување од Србија и Бугарија.