Објавена книга со сведоштва за Граѓанската војна во Грција
Неодамна во електронски формат е објавена книгата „Меѓу партизаните на Маркос“ од познатиот српски писател и новинар од еврејско потекло Оскар Давичо (1909-1989). Давичо во екот на Граѓанската војна во Грција во 1947 година, заедно со група странски новинари во рамките на комисијата на Обединетите нации, го посетил егејскиот дел на Македонија, по што своите доживувања и записи ги објавил во книгата од близу 400 страници. Во книгата е објавено и интервју со генералот Маркос од 1947 година во кое тој јасно ги признава Македонците како посебна нација, како и разговори со други команданти на ДАГ, кои исто така јасно сведочат за постоењето на Македонците во егејскиот дел на Македонија, но и за теророт што Македонците го доживувале во војната. Во книгата се интервјуирани и Македонци борци на ДАГ, кои јасно се декларираат како Македонци
Книгата на српскиот писател и новинар Оскар Давичо била објавена на српски јазик во 1947 година, но само по неколку месеци, во 1948 година, била забранета во тогашна Југославија поради судирот помеѓу Јосип Броз-Тито и Јосиф Сталин и поддршката на генералот Маркос на Сталин.
Неодамна Александар Донски ја пронајде книгата и од неа за првпат на македонски јазик е објавен избор од највпечатливите стотина страници. Потоа, по негова иницијатива, овие вредни историски податоци се преведени и на англиски јазик, со цел по електронски пат да им бидат испраќани на странските субјекти. Имајќи го предвид фактот дека Македонците што денес живеат во егејскиот дел на Македонија зборуваат македонски, но читаат на грчки, книгата е преведена и на грчки јазик од страна на соработник на Донски од егејскиот дел на Македонија. Според неговите зборови, книгата на грчки јазик веќе масовно се споделува меѓу Македонците таму и за неа има голем интерес.
Генералот Маркос во интервјуто објавено во книгата истакнува дека Македонците во егејскиот дел „слободно зборуваа на својот јазик, печатеа свои весници, отвораа училишта во кои се предаваше нивната историја“.
– За краткото време на власта на ЕАМ од септември до декември 1944 година, славомакедонците имаа можност да се уверат дека нивните надежи не беа залудни. Тие тогаш рамноправно, заедно со грчкиот народ, уживаа во плодовите на слободата. Тие слободно зборуваа на својот јазик, печатеа свои весници, отвораа училишта во кои се предаваше нивната историја… – кажал Маркос.
Трите верзии од книгата веќе се поставени на интернет на слободно симнување, и тоа на веб-страницата на Виктор Бивел од Австралија, која е најбогатата веб-страница со книги за македонската историја.
– Со овој проект ја продолжуваме борбата со странските антимакедонски пропаганди, и тоа на нивни терен, а ние како Македонци треба да се поклониме и пред ликот и делото на Оскар Давичо, кој во книгата јасно напишал дека егејскиот дел на Македонија му е во срцето и чиј живот бил во опасност за време на престојот таму кога грчките монархофашисти му организирале и неуспешен атентат. Ги повикуваме државната и локалните власти да размислат околу оддолжување кон ликот и делото на Оскар Давичо преку именување некоја улица со неговото име – пишува Донски во текстот што го испрати до редакцијата на „Нова Македонија“.
Покровител на објавувањето на книгата е македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, со претседателот Душан Ристевски, во соработка со здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип, со претседателот Стојан Димков. Спонзори на преводите на книгата се: Трајче Т. Трајкоски од Перт (Австралија), Александра и Горан Серафимовски од Австралија и „Maкедон – преведувачи и издавачи“ од Сиднеј. Н.М.