Новиот предлог-закон за работни односи наместо досегашното породилно отсуство, предвидува поделба на мајчинско, татковско и родителско отсуство.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска ги појасни нејаснотиите околу предлогот кои предизвикаа жестока дебата на социјалните мрежи поради менувањето на терминологијата за породилно отсуство.
– Татковското отсуство е во траење од 15 дена и се користи веднаш по раѓањето на детето, ако е едно дете, а за близнаци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена. Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно.
Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има пет месеци мајчинско и четири месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, девет месеци.
Но, дополнително, тука се и четири месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето, наместо досегашните девет месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци – објави министерката Тренчевска.
Воведувањето на три вида на отсуство имаат за цел изедначување на улогата на мајката и таткото, односно мажот и жената во периодот на растење на детето, појасни министерката и додаде дека во следниот период ќе има јавни расправи по предлог-законот за работни односи.