Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) реагира на одлуката на македонските власти, со која на Македонците од Мала Преспа, со албански лични документи, не им се дозволува влез во Македонија, преку граничниот премин Стење – Горица, кај Ресен, информираа од партијата.
– Од вчера, граничната полиција не дозволува влез на Македонци од Мала Преспа, кои секојдневно патуваат во Македонија, за сезонска работа во Ресен и Преспа, а навечер се враќаат во своите домови во Мала Преспа. Овие лица, кои поседуваат албански лични карти, се соочуваат со забрана за влез поради податоци во системот дека престојувале повеќе од три месеци во Македонија, иако нивниот влез и излез се случува на дневно ниво – додаваат од МАЕИ.
Според партијата, дополнително, денеска „македонските власти ја известиле и албанската страна да не дозволува преминување на овие Македонци кон Македонија“.
– Ваква ситуација досега не постоела, а ова е првпат да се создаде ваков проблем, со што сериозно се загрозува егзистенцијата на овие луѓе. Апелираме до македонските власти итно да изнајдат решение за оваа ситуација и да овозможат непречено движење на овие Македонци, бидејќи сезонската работа во пограничниот регион е нивен единствен приход за егзистенција на нивните семејства – нагласуваат од партијата.
Додаваат дека за овј проблем разговарале и со претставнците на македонската амбасада во Тирана.