Да ве известиме дека твдењата на Синдикатот на контролори за летање се неточни, процесот за избор на нови контролори се очекува да заврши наскоро во предвидениот рок, реагираат од М-НАВ, државната компанија на која Македонија ѝ делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај. Оттаму велат дека се одвива нормално селекцијата за нови контролори, според препораките на Еуроконтрол, тестовите (FEAST), лекарските прегледи, интервјуата што се филтри кои се спроведени од страна на данските експерти кои се избрани со постапка за јавна набавка од М-НАВ.
Иако завршила селекцијата на кандидати за контролори на летање во државната М-НАВ, и ја поминале дванаесет од 250 пријавени, нивната обука уште не е почната, реагираше Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ), кој го надгледува процесот на избор, како што вели претседателот Александар Тасевски. Синдикатот се сомнева дека дел од менаџментот на М-НАВ сака да го поништи изборот. Од синдикатот објаснуваат дека се сомневаат оти „не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички финкционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат“. Така не само што ќе пропаднат парите дадени за целиот процес на избор на осум контролори за летање кои требало до сега да почнат да се обучуваат, туку, како што велат од синдикатот, можно е и да треба да се плаќаат пенали.
ССКЛ информираше и дека доколку не се испратат на обука селектираните кандидати, понискиот ешалон на менаџментот (главен инструктор, раководители на одделенија, експерти и слично) има намера да си даде оставки, бидејќи не сакаат да учествуваат во заобиколување на алатката за избор на кандидати за контролори на летање. Со таа алатка, меѓу другото, при селекцијата се полагало на вежби кои ги дава Еуроконтрол.
-Не се точни тврдењата и шпекулациите дека ние како институција не им веруваме на данските експерти, напротив имаме одлична соработка со нив и нивното меѓународно реноме. Исто така не се точни тврдењата дека Управниот одбор има дадено изјава дека го оспорува изборот на осумте кандидати или дека кандидатите не се вистинскиот избор, напротив процесот не е едноставен и се спроведува според акциониот план на М-НАВ. Ве уверуваме дека процесот се одвива нормално, согласно акциониот план и се очекува да биде завршен наскоро во предвидениот рок согласно сите национални и мегународни стандарди за да можеме да го започнеме школувањето на кандидатите – велат од М-НАВ во реакција која стаса предмалку.
„Нова Македонија“ на 8 ноември испрати прашања до Фахрудин Хамиди, претседател на Управен одбор на М-НАВ и директор на Контрола на летање за тоа што случува со селекцијата и обуката, како и за сите обвинувања и прашања на ССКЛ и на Здружението на контролори на летање во Македонија, но, до овој момент, одговор на нив не добивме.