На раскошно украсени епитафи и со традиционалните торжества, моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица, денеска ја осветија Струга.

Традиционално, на 7 мај, моштите и чудотворните икони, носени од угледни граѓани, предводени од локалното свештенство, братства и сестринства, по вечерната служба тргнаа од храмот „Свети Георгиј“ и поминаа низ струшките улици придружувани од долга поворка верници.

Новина на годинашната Струшка Еордија (Литија), како што информира сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица, е вклучувањето на иконата на Мајката Божја „Гликофилуса“, идентична реплика на првообразната Гликофилуса (Слаткољубива, или умиление) од Света Гора, која неодамна беше донесена во Бигорскиот манастир од Солун.

На чело на Еордијата одеше член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти, братството на манастирот Свети Јован Бигорски, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Богородичната икона „Гликофилуса“, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија и епископот Антаниски г. Партениј.

На годинешната литија присуствуваше и архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан.

Според традицијата, и годинава поворката ја водеше церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Пред литијата дефилираше коњаник облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, а дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот беше со маслиново гранче во раката, како симбол на мирот.